ВЕСТ НА ДЕНОТ
Од утре гарантирана цена за безалкохолните пијалаци, водата и пивото
Гарантираната цена, освен кај прехранбените производи, од утре ќе важи и за безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Покрај оваа одлука, денеска Владата на седница донесе одлука и за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Со ова се очекува намалувањето на цените да биде од 10 до 30 проценти.
Одлуката за намалување на цените, како што објави попладнево премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, денеска ќе биде објавена во „Службен весник“ и од утре стапува на сила.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Фердинанд Никола, експерт за безбедност: Нападот во Косово има многу карактеристики на тоа како дејствуваат платеничките групи, како што е Вагнер
ФЛЕШ ВЕСТИ
БЕЗБЕДНОСТ Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека тројцата руски дипломати кои неодамна беа протерани се лица кои работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе, односно сакале да се вмешаат во стратешки национални интереси на нашата држава.
ПОЛИТИКА Лага е дека сум примил каков било материјал од екс-премиерот Груецвски, во кои наводно имало содржина за измени на Кривичниот законик, тоа се невистини за дневно-политички цели, изјави Талат Џафери, претседателот на Собранието.
РЕГИОН Со прогласување на ден на жалост, Белград го разгорува пламенот на вооружен конфликт како никогаш досега од 1999 година!, реагира албанскиот премиер Еди Рама, откако Србија го прогласи 27 септември за ден на жалост, за смртта на терористите, кои во неделата наутро ја нападнаа косовската полиција и беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку, пишува албанскиот медиум Топ Чанел.
ИНТЕГРАЦИИ Партиите членки на германската владина коалиција изразија поддршка на препораките изнесени во извештајот на група експерти ангажирани од страна на владите Германија и Франција посветен не реформите и проширувањето на ЕУ, објавен пред десетина дена, но се стравува дека целиот процес би можел да биде блокиран поради противењето на одредени земји членки, пред се Полска, но и поради можната промена на власта во Берлин по изборите во 2025 година.
ЕКОЛОГИЈА ЈП Дрисла се соочува со казна од 120 илјади евра и 6 илјади евра за управителот, за загадување на Маркова река.
ЗЕЛЕНИ Само преку зголемени инвестиции во зелената инфраструктура можеме да постигнеме повисоко ниво на усогласување со стандардите и регулативите на Европската Унија, изјави министерката за животна средина, Каја Шукова.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Русија се бори со оружје во Украина, а со зборови – во остатокот од светот, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова.
Таа рече дека големите онлајн платформи се борат против ширењето дезинформации, но дека нивните напори засега не се доволни.
АЛ-ПРЕС
Косовската полиција во Јужна Митровица презентираше оружје, возила и работи одземени во Бањска во Звечани, еден ден по нападот врз неа од вооружени лица, во кој загина полицаец. Владиката Теодосије од Рашко- призренската Епархија на вчерашната посета на манастирот меѓу другото изјави дека во дворот е пронајдено огнено оружје, воена опрема итн., а „Српска Листа“прогласи тридневна жалост за смртта на тројцата српски напаѓачи кои беа убиени во Бањска по нападот врз косовската полиција.
Ова е дел од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ –ПРЕС.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Куршумите затишија во Косово, меѓутоа „се пука“ со говор на омраза на социјалните мрежи!
Еднодневниот конфликт во северот на Косово разлеа дезинформации и говор на омраза на социјалните мрежи.
*
Руските дезинформации за уништен „Леопард“ со германски екипаж во македонските медиуми виа Б-92
На 23 септември, во руските медиуми, а следствено на тоа и во дел од македонски медиуми, дежурни пренесувачи на руската пропаганда и дезинформации (секако via B92) кружеа извештаи дека руска извидница уништила тенк „Леопард“ со германски екипаж, кој наводно се состоел од персонал на Бундесверот. Како извор на оваа информација тие се повикаа на некој „командант на разузнавачка група која дејствуваше на фронтот Запорижја“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Бев длабоко трогнат, радосен и возгордеан. „Претседателот Зеленски ми додели орден за заслуги!“ – извикав, додека ги правев тие десетина чекори до просториите на моите колешки и колеги. Ме дочекаа широки насмевки и извици на одобрување, честитки и „Слава Україні! Героям слава!“
Но! Овој орден, ова високо признание, овој гест со кој украинскиот лидер, неговиот кабинет и, секако, Министерството за надворешни работи на земјата – тоа не ми припаѓа само мене. Тоа е заедничка заслуга на сите мои колешки и колеги во ЦИВИЛ и во Фронтлајн. Таа мисла ме опфати целосно и ја споделив со нив. Работам со скромни, вредни и посветени луѓе. Знаев дека веднаш ќе ми возвратат со „не, не, тоа е твоја заслуга, нека ти е честито“, но инсистирав на тоа и го повторив многу пати тоа попладне, а денеска и сакам да го напишам, да остане трага за мојот цврст став – овој орден од Претседателот Зеленски е наше, заедничко одликување и признание“, пишува Џабир Дерала во колумната „Орден за заслуги“.
Д. Муратов












