Претседателите на двата дома на францускиот парламент денеска повикаа на „голем марш“ против антисемитизмот в недела во Париз, во екот на зголемени антиеврејски дејствувања од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа.
„Марш за Републиката и против антисемитизмот. Марш за Франција, човековите права и за повторно обединување на нацијата. Марш на граѓаните за осуда на носителите на омразата. Марш за ослободување на заложниците, меѓу кои има и осум наши сонародници“, напиша претседателката на Долниот дом на Парламентот – Националното собрание, Жаел Брон-Пиве, од партијата на претседателот Макрон, и нејзиниот колега во Горниот дом – Сенатот, Жерар Ларше, член на опозициската десница.
Во овој текст објавен во весникот „Фигаро“, двајцата функционери изразуваат загриженост за „опасното размножување“ на антисемитските дејствија во Франција од почетокот на израелско-палестинската војна на 7 октомври.
Тие наведоа дека во Франција се регистрирани повеќе од 1.000 вакви дела за четири недели, што е двојно повеќе отколку во текот на целата 2022 година.
Франција има најголема еврејска и арапско-муслиманска заедница во Европа и постојано ги чувствувала последиците од израелско-палестинските конфликти во минатото.
„Се презема чекор за јасно да се покаже дека Франција не прифаќа антисемитизам и дека Французите не ја поднесуваат и никогаш нема да се помират со погубноста на омразата“, истакнаа двајцата официјални претставника.
Г. Т.