ВЕСТ НА ДЕНОТ
Регионален состанок на НАТО во Скопје: НАТО интеграцијата обезбеди мирен и стабилен Балкан, продолжуваме на истиот пат и кон ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, по завршувањето на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, одржаа заедничка прес-конференција. Премиерот Ковачевски, во своето обраќање посочи дека НАТО интеграцијата обезбеди мирен и стабилен Балкан, и државата продолжува на истиот пат и кон Европската Унија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
– Гледаме закани за сецесионизам во БиХ, кревка безбедносна состојба во Косово и застој во преговорите меѓу Белград и Приштина, а авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со кибер закани, истакна Столтенберг по средбата на која присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРИМИРЈЕ Израел и Хамас договорија четиридневен прекин на огнот во замена за ослободување на заложници
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ На 22 ноември се навршуваат 115 години од Битолскиот конгрес одржан од 14 до 22 ноември во Битола, во 1908 година. Иницијативата произлезе по констатацијата дека обединувањето на азбуката е толку неопходно што, покрај образовниот и културниот проблем, стана и политички проблем за кој тогашното национално движење на Албанците бараше решение.
МО Одобрени се дополнителни 100 милиони денари за обезбедување на лекот „Kaftrio“ во комбинација со „Kalydeco“ на дополнителни пациенти со цистична фиброза, соопшти денеска Министерството за здравство.
ОПШТЕСТВО Институциите можат да бидат ефикасни и во функција на граѓаните само со јасно планирање и мерливи индикатори на успешност, вели заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да го слушне „мировниот план“ предложен од поранешниот американски лидер Доналд Трамп, но Украина нема да ѝ ја отстапи својата територија на Русија, пренесе Укринформ.
*
Орбан, по примерот на Путин, воведува контроверзен закон за „заштита на суверенитетот“ дизајниран да ги замолчи критиките и за слабеење на опозицијата
Потегот на партијата на премиерот Виктор Орбан потсетува на низа измени на законите воведени од Кремљ од 2006 година наваму, според кои организациите кои се занимаваат со политичка активност и добиваат странски средства мораа да се регистрираат како „странски агенти“, што имаше ефект на убивање на сите противници на владеењето на Владимир Путин.
АЛ-ПРЕС
Косовската влада побара од Советот на Европа, предлогот за укинување на визите за имателите на српски пасоши во Косово, да ги третира овие документи како незаконски, како што ја третира и останатата паралелна документација. Косовскиот премиер Албин Курти пред два дена изјави дека во Рашка се случила средба помеѓу Милан Радоичиќ и Српска листа, а ова го демантираше претседателот на партијата, Златан Елек.
Ова се само дел од темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-Прес.
ИНТЕРВЈУ
Џафери: Пратениците да не се кријат зад имунитетот и да шират дезинформации и говор на омраза
„Говор на омраза е санкциониран со соодветни закони, а од друга страна се чувствуваме заштитени. Сметам дека тука треба да се направи дигресија по однос на правото и одговорноста на она што ќе го искажеме како јавни личности, без оглед што во основа, условно кажано, сме заштитени од она што ќе го говориме на говорница. Слободата на говор не значи да се злоупотреби во смисла ако сме толку слободни дајте да не се криеме зад имунитетот за смислата на она што е уставна категорија. Тие мисли да ги кажеме слободно таму каде што и по други прописи би биле санкционирани и би потпаднале под одговорност и на јавноста и на она што е граѓанска одговорност пред соодветни институции и органи“, вели Претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за ЦИВИЛ Медиа, на прашањето – Како да се поправи политичката и јавната комуникација на учесниците во политичките процеси во Парламентот, со оглед на тоа дека често се слуша говор на омраза, дисквалификација на политичките неистомисленици, се слушаат пораки кои се базираат или на дезинформации или содржат во себе говор на омраза на етнички основи?
Д. Муратов












