„Декларацијата за сувереност јасно навести дека Македонија во блиска иднина ќе стане независна држава. Декларацијата е донесена со акламација, со поддршка од сите пратеници. Клучно беше дека во Македонија од нејзиното донесување, до донесување на некој друг уставен акт, ќе важат законите од федерацијата и македонските закони…“, вели во изјавата во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Стојан Андов, првиот претседател на повеќепартиското Собрание на Република Македонија .
„Тогаш беше одлучено дека доколку некаде овие закони се судруваат, ќе важат македонските закони. Со тоа, сувереноста е сосема јасно означена, како фаза, за да добиеме и независна држава. Вториот чекор требаше да биде донесување на Устав. Ние кои бевме вклучени во подготвувањето на Декларацијата, мислевме дека најдоцна до мај, ќе се донесе и Уставот, затоа што со Декларацијата беше сосема јасен правецот во кој ќе е движиме. Но, не се случи така, работите малку се искомплицираа и Уставот го донесовме истата година, но дури на 17 ноември. Тоа е еден дефиниран процес, и како што беше замислен, е остварен. Со референдумот и со донесувањето на Уставот. Оттогаш, се што се случуваше, беше во услови на сувереност и независност. Имавме проблеми со меѓународно признавање на независноста, некаде тие проблеми беа драматични… Но, основната мисија на Декларацијата – независноста на државата е остварена. За другите процеси, дали државата јакне или не, може да се оценува, но државата Македонија, оттогаш е независна“, објаснува Андов.
Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, е донесена на 25 јануари 1991 година.