Енергетската сигурност и зелената енергија се двата приоритета кои ќе треба да ги надминат партиските политики, порача денеска американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, пренесува новинската агенција МИА.
Обраќајќи се на седмото издание на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) што се одржува во Скопје, Агелер истакна дека Северна Македонија во голема мера закрепна од неодржливото енергетско опкружување, но допрва претстојат вистински предизвици.
Според неа, земјава треба да го заврши грчко-македонскиот гасовод кој ќе ги елиминира, како што рече, зависноста од Русија и заканите на одредени прекини во снабдувањето.
– Со интерконекторот Северна Македонија ќе може да гради централи со погон на гас и да ја олесни транзицијата на земјата од јаглен кон други извори, потенцира Агелер, потсетувајќи дека Северна Македонија ја има поддршката од САД за спроведување на зелената транзиција.