Минатата недела во Белград, во организација на Фондација Отворено општество беше отворена изложбата „Украина, Љубов и Војна“ каде беа изложени 50 фотографии направени во периодот од 2014 до 2024 година.
Изложбата во Белград, која е инспирирана од истоимената книга издадена од организацијата Фото Евиденција која претставува сведоштво за разорувачкото влијание на руската агресија врз украинското општество, забележано преку објективот на 95 меѓународни фоторепортери/ки, доаѓа како продолжение на изложбата организарана во јуни во Скопје од страна на Фондациите Отворено општество – Западен Балкан под наслов „Украина: Воено злосторство“ во земјите од Западен Балкан.
Освен во јуни Скопје и сега во Белград, досега биле организирани изложби и во Тирана и Приштина.
Изложбата во Скопје, за која пишуваше ЦивилМедиа, беше изведена од истоимената книга објавена од „FotoEvidence“, која вклучува повеќе од 360 фотографии и сведочења, кои фрлаат светло на руската инвазија врз Украина, и се направени од неколку фоторепортери кои ги ставија животите во опасност за да ни ги пренесат ужасите на војната и злосторствата врз цивилите кои ги прават руските окупатори во Украина.
Во пресрет на изложбата, ЦивилМедиа разговараше со фоторепортерот Кристофер Окиконе кој како еден од храбрите фоторепортери кои ги ризикуваат своите животи за да ги доловат ужасните вистини на војната, обезбедувајќи редок увид во човечката цена на конфликтот, фотографирајќи станал сведок на руски воени злосторства во Украина.
Кураторка на изложбата во Белград, како и во Скопје е Светлана Бацеванова, која е и извршна директорка на ФотоЕвиденција, која вели дека фотографиите на белградската изложба, како љубовни приказни од книгата „Ukraine: Love+war“ претставуваат светли точки во најмрачните времиња.
На изложбата во Белград, како што пренесува Трн.мк, присуствуваа и фотографката Гаел Гирберс и новинарот и фотографот Евгени Малолетка, кои зборуваа за тоа колку е тешко да се биде репортер на бојното поле, и дека покрај војната на фронтот, украинското општество води и „информативна војна“ со цел да добие разбирање од целиот свет.
Д. Мишев