„Тие (границите во земјите од Западен Балкан – н.з.) можат да бидат важни или пак релативно важни, можеби и неважни, но денес, тие не треба да постојат! Доколку продолжат да постојат, имајќи го предвид составот на регионот во поглед на демографијата и етникумите – тоа е рецептот за катастрофа на долг рок“, изјавил за порталот „European Western Balkans“, потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Како што пренесува агенцијата „Макфакс“, според Тимерманс, еден од убавите елементи на европската интеграција е во тоа што процесот не прави границите да исчезнат, односно, тие остануваат, но практично се непостоечки. „Тоа се случи помеѓу Франција и Германија, и помеѓу сите останати земји по падот на Берлинскиот Ѕид, и тоа треба да го направиме во Западен Балкан“
Тимерманс истакнал дека ќе остане посветен кон продолжувањето на процесот на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но бил дециден дека „тоа нема да се случи за време на мандатот на оваа Европска комисија, претседателот Жан-Клод Јункер беше доста јасен за тоа. Но, ќе се случи во одреден иден период“, рекол Тимерманс.