• Latest

Театар во време на диктатура

March 27, 2017

ДЗР: Системот за заштита на жените жртви на насилство е недоволно ефикасен

August 21, 2025

Кривична за „тероризам“ против скопјанец за лажна пријава за подметната бомба во авион на скопскиот аеродром

August 21, 2025
Во моментов, законот за прераспределба е усвоен во Претставничкиот дом на ТексасФото: Скриншот од видео на ВВС

Пратениците од Тексас одобрија нова изборна мапа прекроена во корист на републиканците

August 21, 2025
Фото: ЦУК

ЦУК: Од 18 пожари на отворен простор, 3 се активни, 15 се под контрола и изгаснати

August 21, 2025
Штета во Лвив како резултат на рускиот ракетен и беспилотен напад врз западна Украина во текот на ноќта на 21 август 2025 година. Фото: Андри Садови/Телеграм

Во масивен руски воздушен напад на украинските градови далеку од линијата на фронтот убиено 1 лице, повредени 14, и покрај мировните преговори

August 21, 2025
Експлозии го осветлуваат хоризонтот додека Израел ги започнува првите фази од нападот врз градот Газа. Фото: Скриншот од видео на ВВС

Израел ja започна првaта фаза од офанзивата врз градот Газа

August 21, 2025
Фото: Креирано со помош на ВИ

Зошто Путин не е подготвен да се сретне со Зеленски, а можеби никогаш и нема да биде

August 20, 2025

24 ЧАСА: Над 13 милиони евра од државата за Бехтел и Енка само во јуни; Додик да го врати дипломатскиот пасош; Сојузници подготвени да испратат војници во Украина

August 20, 2025
Илустрација ВИ

Кој сè е надлежен за спроведување на изборите – што е што во изборен контекст

August 20, 2025

МНР на БиХ бара Додик да го врати дипломатскиот пасош

August 20, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Театар во време на диктатура

March 27, 2017 15:31
in СЛОБОДНА ЗОНА
Share on FacebookShare on Twitter

Драги колеги театарџии, мислев за овој наш празник, да напишам нешто што Вие би го очекувале од мене, на пример, да напишам, дека Светскиот ден на театарот, би требало да го славиме само парцијално, како – „Ден на барокни кулиси“. Оти, не велам дека вината е целосно кај нас, но делумно, сигурно е…

Пишува: Југослав Петровски

Зашто, во овие 11 години диктатура, оставивме огромен, комотен простор, како и во сé останато, како и во сите форми на општествено живеење и постоење на оваа држава – „царот“ да си ја спроведе својата, сопствена замисла за театарот. Како што бираше споменици низ светот и кажуваше која „реплика“ од кој споменик, на кое место од Скопје ќе биде поставена… Како што го бираше ентериерот на кинеските автобуси, како што имаше генијална идеја – автобусите, возовите, па и целата држава – да се подвлечат со портокалова црта – „за да се остави траг во времето“… Исто така, дозволивме, театарски дилетант и неуспешен апликант на ФДУ, од позиција на „цар на Македонија“, да го спроведе своето елитистичко поимање за театарот: театарот како простор, како зграда, сцена, конгресно здание – а не, како живот, потреба, комуникација… Секако, дека тој тоа не можеше да го спроведе сам, и веднаш на услуга му се стави цела дворска свита, составена од архитекти до куртизани, од „чанколисци“ до „собирачи на трошки од царски трпези“, од „дворски шутови“, „тезгазароши“ (неодминливи, независно од системот и начинот на владеење ), па дури, и  оние кои се обидоа да бидат „икони“ на ова грдо време. И станаа грди икони („супер-ѕвезди“) и како такви „икони“ ќе ги памети и народот. И, пред сé, историјата… Како грди „икони“, „грди дури и за фашизам“!

Целата оваа деценија, целиот овој период во македонскиот театар, јас би го именувал како „фасадерско- кулисно/заткулисен период“!

За да не должам многу, целата состојба со театарот во „диктаторска Македонија“, би го објаснил преку „Случајот на старо/новиот МНТ“. Се потроши огромен куп пари за театар, а не се вложи ништо во театарот… Што? Зарем е можно дека мора да се дообјаснувам, јас мислев дека, како порано, сé ке стане јасно со една добро срочена реплика.

Добро, ајде да се обидеме вака: „Парите отидоа на корупката (освен оние, кои ги смотавте по длабоките „патриотско“-апашки џебови), а бидејќи воопшто не се водеше сметка за бананата, бананата, за жал, скапа!

Не!? Повторно, не? Тешко некако ни оди со метафори и подтексти… Е, па, ајде тогаш, да се обидеме да се објасниме со јазик што ни стана близок, иако  во некои многу поубави времиња, го исмејувавме, или воопшто не сакавме да го користиме, оти ни беше под нашето, уметничко, ниво! Еве, преведено и на тој, за жал, јазик што го има канцерозирано и театарот: Како резултат на десетгодишната пропагандно-популистичка политика на „груевистите“ во културата и уметноста, како резултат на тој фасадерско- интервенциски пристап кон уметноста, меѓу збирштината именувана „Скопје 2014“, го имаме и „барокниот“ МНТ.

Едно грдо, нефункционално и неверојатно скапо зградиште, кое наместо да исчекори напред и да претставува некаков спој на нашата и современата, модерна, европска култура, како „франкенштајнско здание“ нè враќа назад низ времето… И така, автоматски, наместо да имаме „жив“ театар, кој пулсира во ист ритам со современите светски театарски текови и трендови, имаме театар кој е нешто што „не е живо“. Оваа зграда е градена – не за да му се даде квалитет плус на културното живеење во Македонија, туку за да се исполнат лични хирови на поединци, и да се ресоздадат „урнатите спомени“ на една генерација која веќе исчезнува (или, воопшто ја нема). Со самото тоа реплицирање и клонирање на „мртва“ зграда, наместо да се изгради современ театарски објект, е направен мошне лош чекор во разбирањето на театарот, направена е зграда за која, иако е театар, повеќе се внимавало да биде музеј на некоја наводна „поранешна илузија“! Се градел нов објект, а се гледало цело време кон минатото, наместо да се гледало во сегашноста, или барем во иднината на театарот во светот.

Затоа, ваквиот „старо/нов МНТ“, повеќе наликува (и, засекогаш ќе наликува, ако не се преземе нешто радикално ) на: Спомен куќа, музеј, споменар, споменик на „полувосочни“ фигури… Место каде ќе може да седне „дедо“ и на сите да им раскаже една стара „комитска приказна“… (И воопшто не е проблем во „комитските приказни“, ќе раскажуваме и комитски приказни, јас ги обожавам, иако дел од Вас, колеги мои, напротив, сте убедени дека проблемот е во тоа што јас не сум љубител на „комитски приказни“… Не! Воопшто не е така!… Тоа е исто како да го гледате врвот, а да не сте свесни за сантата под ледениот врв…) Проблемот е во тоа што фасадерско-интервенцискиот пристап кон Театарот, резултираше со едно грдо, нефукционално, неверојатно скапо зградиште (за тие пари ќе се изградеше и МНТ и уште по еден нов театар, во секој град од Македонија. )…, но тука би запрел, за да не дојде до забуна – оти, поентата ми е сосема поинаква.

„Ново-стариот МНТ“ го земам како „маскота“, како општ пример, како егземплар, како нешто, преку кое би прозборел за севкупниот однос на царот и на „неговите“кон културата во Македонија, за време на нивната 11-годишна диктатура… Секое нивно дејствување целосно го искривоколчуваше геномот и идентитетот на македонскиот народ. Токму во правец на невкусот и неквалитетот, што на крај, резултираше со уривање и чизмашко кршење на коските и рбетот на културната вертикала на македонскиот националниот идентитет.

Но, веќе секому му станува јасно дека диктаторот и неговата „дворско -театарска“ свита, не го интересирале ни националните, ни патриотските, ни вмровските, туку исклучиво – тендерско–финансиските „темели“ на театарот… Ќе повторам, тие, односно, првенствено нивниот Вожд, го разбираа Театарот исклучиво – како простор, зграда, сцена, а не како живот, потреба, комуникација… Со таквиот нивен пристап кон театарот како кон нешто непотребно, елитно, одвоено од животот, го сведоа на нешто што наликува на „Македонски шуми“, место каде, од партиските списоци, ќе бидат ухлебувани партиски војници, место каде ќе се шири мрежата на партиски „должници“, „митингаши“, „говорници“, „предводници“, дури по потреба и „аналитичари“ и, пред сé, сигурни гласачи…. Со неводење сметка, кои , како и колкумина луѓе ќе се вработат во театарот, дополнително се придонесе театрите ширум Македонија да станат нефукционални, инертни, немотивирани, и со сé поголема можност за театарски исход кој ќе резултира со неквалитет, самозадоволство, неконкурентност… При вакво, целосно непознавање на природата на Театарот, се создаде атмосфера – создавачите, креаторите, уметниците, актерите, да се собираат околу „барокната“ зграда, а не околу добра идеја, да се собираат околу „барокот“и режисерите кои се на повисоко „комесарско место“ на партиското списоче, наместо, околу издржана поетика или квалитетен проект. А она што ги обединува и „мотивира“, да биде една огромна, празна зграда, а не лично внесување и самоискажување преку препознавање и поистоветување со квалитетна идеја која би резултирала во квалитетен театарски чин.

И несомнено е дека за сето ова, за сите овие 11 години диктатура, или немо се тлеело, или гласно се бунтувало. Секој од нас, онака каков што е сооздаден; некој само во себе, некој пред сите, некој само пред огледало – некој и во притворска ќелија… Но, историјата, како најмудрата учителка, раскажува: секогаш тешките периоди од човечката историја, оние најтешките и најзлокобните, ете како овој груевизам, на пример, оваа децениска диктатура, таквите периоди во уметноста секогаш резултирале со големи уметнички дела. Па така, и овој најмрачен период од нашата современата македонска историја, верувам дека може да се исползува за високи достигнувања во уметноста…

 

Print Friendly, PDF & Email
Tags: „дворски шутови“„икони“„комесари“„старо/нов МНТ“27 Мартгруевизамдиктатуратеатар
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Бабановски: Никој не знае каде заврши оружјето што му гo донесе Аркан на Мијалков

    99 shares
    Share 40 Tweet 25
  • Македонија претворена во прокси држава на Кремљ

    93 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Карл Билд: СССР беше мизерно промашување како општество и како економија

    89 shares
    Share 36 Tweet 22
  • Историјата репетирана: Цената на додворувањето кон Русија

    88 shares
    Share 35 Tweet 22
  • САД ги избришаа правата на македонското малцинство во извештајот за Бугарија

    104 shares
    Share 42 Tweet 26
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ