Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници соопшти дека нивниот став за покачување на минимална плата кореспондира со актуелните барања на дел од синдикатите сметајќи дека покачувањето е повеќе од ургентно. Корекцијата е неопходна поради тоа што моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници, чии интереси ги застапува ССНМ.
„Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а се повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување“, велат од ССНМ.
ССНМ очекува од Владата и работодавците решение кое е во согласност со потребите на медиумските работници, што би значело висина на минималната плата на ниво на платите на колегите од земјите од регионот.