Гислен Максвел, поранешната соработничка на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, во интервју со американските власти изјавила дека долго дискутираниот „клиентски список“ всушност не постои.
Според објавените транскрипти од разговорот со заменик-генералниот обвинител Тод Бланш, Максвел рекла дека не била сведок на никакво несоодветно однесување од страна на поранешните американски претседатели Доналд Трамп и Бил Клинтон. Таа исто така ги отфрли обвинувањата против британскиот принц Ендрју, нарекувајќи ги „незамисливи“, пренесе Би-би-си.
Максвел, која во моментов издржува 20-годишна затворска казна за учество во шема за трговија со малолетни девојки, побарала помилување од Трамп. Нејзиниот адвокат изјавил дека би „ја поздравиле“ таквата одлука, но Белата куќа нагласи дека „не се разгледува никаква форма на попустливост“.
Транскриптите, во обем од околу 300 страници, делумно цензурирани, откриваат дека Максвел била прашана за контакти со голем број јавни личности – меѓу кои Бил Гејтс, Илон Маск, поранешниот израелски премиер Ехуд Барак, актерот Кевин Спејси, манекенката Наоми Кембел и други. Таа тврди дека не постои никаква тајна листа на „клиенти“, иако токму таа тема со години е во центарот на бројни теории на заговор.
Максвел изјавила дека Трамп и Епштајн биле „пријателски настроени во општествени кругови“, но не и блиски пријатели.
Трамп јавно тврди дека се дистанцирал од Епштајн уште во 2004 година, но во текот на неговото претседателствување беше под зголемен притисок да обезбеди поголема транспарентност околу случајот.
Во транскриптите, Максвел ги отфрли и тврдењата дека таа го запознала принцот Ендрју со Епштајн. За широко распространетата фотографија на која Ендрју е со малолетна девојка, а Максвел се гледа во позадина, таа изјави дека е „фалсификат“, пишува Би-би-си.
Принцот Ендрју во 2022 година постигна финансиска нагодба со Вирџинија Џуфре, која тврдеше дека била жртва на сексуална злоупотреба на 17-годишна возраст. Тој никогаш не призна вина, ниту се извини.
Иако Епштајн официјално се води дека извршил самоубиство во затвор во 2019 година, Максвел изрази сомнеж во таа верзија, но истовремено ги отфрли шпекулациите дека бил убиен: „Тоа е апсурдно. Ако некој сакал да го замолчи, имал доволно можности и пред да заврши во затвор.“, објави Би-би-си.