По вчерашниот тежок инцидент во Штип по натпреварот на младинските екипи (генерација 2009-2010) на Брегалница и Шкупи од Чаир, во кој беа повредени две малолетни лица, Министерството за внатрешни работи информираше дека е приведен 43 годишен родител.
Повредените лица се фудбалери на Брегалница, а како што соопштуваат од МВР, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички ги нападнал и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода, а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
ФК Шкупи, ФК Брегалница и ФФМ го осудија инцидентот. Од ФФМ соопштија дека е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери. Од таму изразија особена загриженост поради тоа што „едно од децата претрпе сериозни повреди и скршеници, како последица од нападот“. Тие најавија и дисциплинска постапка и соодветни мерки за сторителите на инцидентот.
ФК Шкупи целосно се дистанцира од неспортските настани што се случија во градот Штип, за време на фудбалскиот натпревар.
„Фудбалот не е и не треба да биде арена на физички конфронтации, туку поле каде што се судираат талентот, тактиката и спортскиот менталитет“, објавија на Фејсбук од ФК Шкупи.
Од ФК Брегалница соопштија дека не смее ваков инцидент да се повтори.
„Спортот треба и мора да биде колевка на почит, култура и демонстрација на здрави навики. Не смееме да дозволиме ваква слика да се повтори на кој било фудбалски и спортски терен. Тоа треба да биде место за натпреварување и покажување на манири кои се учат од најмала возраст“, соопшти Брегалница.