Академскиот пленум на Србија предупреди дека директорите на основните и средните училишта во Србија можат да сносат правна одговорност доколку се докаже дека на наставници не им се продолжуваат договорите за работа поради учество во граѓански и студентски протести.
„Доколку договорот е продолжен на наставници што не учествувале во протестите, а ускратен на оние што ги поддржале студентите и учествувале во обуставата на наставата, станува збор за тежок облик на дискриминација,“ соопшти Академскиот пленум.
Од Пленумот потсетуваат дека ваквото постапување е спротивно на Уставот на Србија, Законот за работни односи и Законот за забрана на дискриминација, кои гарантираат еднакви можности за сите лица во работниот однос.
Тие ги повикаа оштетените наставници да продолжат со пријавување на случаите и да обезбедат релевантна документација како договори, официјални известувања и сведочења од колеги. Обезбедена е и правна поддршка за заштита на правата пред институциите.
„Никој нема право граѓанскиот ангажман да го користи како основ за професионален прогон. Тие што ја злоупотребуваат својата функција мора да знаат дека ќе одговараат пред институциите и законот,“ порачуваат од Академскиот пленум, пренесе МЕТА.мк.