Финска се приклучува кон декларацијата за мирно решавање на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави, се вели во соопштението на нордиската земја, јавува Ројтерс.
Декларацијата е резултат на меѓународната конференција во ОН во јули, организирана од Саудиска Арабија и Франција, посветена на деценискиот конфликт. САД и Израел го бојкотираа настанот.
„Процесот предводен од Франција и Саудиска Арабија е најзначајниот меѓународен напор во последниве години за создавање услови за решение со две држави“, изјави финската министерка за надворешни работи, Елина Валтонен, пренесе Ројтерс.
Првиот чекор наведен во декларацијата е да се стави крај на речиси двегодишната војна меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во Газа.
Саудиска Арабија и Франција ги повикаа земјите во Обединетите нации да ја поддржат декларацијата во која се наведени „опипливи, временски ограничени и неповратни чекори“ кон спроведување на решение за две држави.
За разлика од некои други европски земји, како што се Шпанија и Норвешка, Финска не ја призна Палестина како држава. Финската коалициска влада е внатрешно поделена околу формалното признавање.