Генералното собрание на Обединетите нации во петокот со огромно мнозинство гласаше за одобрување на декларација во која се наведени „опипливи, временски ограничени и неповратни чекори“ кон решение за две држави меѓу Израел и Палестинците пред состанокот на светските лидери, пренесе Ројтерс.
Декларацијата од седум страници е резултат на меѓународната конференција во ОН во јули – организирана од Саудиска Арабија и Франција – за деценискиот конфликт. Соединетите Американски Држави и Израел го бојкотираа настанот.
Резолуцијата со која се одобрува декларацијата доби 142 гласа „за“ и 10 „против“, додека 12 земји беа воздржани.
Северна Македонија, според дисплејот на табелата на разултатите од гласањето, на почетокот гласаше „ЗА“ резолуцијата, но по неполна минута на дисплејот се прикажа како воздржана.
Гласањето доаѓа пред состанокот на светските лидери на 22 септември – на маргините на Генералното собрание на ОН на високо ниво – каде што се очекува Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и Белгија формално да ја признаат палестинската држава, пишува Ројтерс.
Декларацијата, одобрена од Генералното собрание од 193 члена, ги осудува нападите врз Израел од страна на палестинските милитанти Хамас на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Исто така, ги осудува нападите на Израел врз цивилите и цивилната инфраструктура во Газа, опсадата и гладот, „што резултираа со катастрофална хуманитарна катастрофа и криза на заштита“.
Д. Т.