Меѓународниот ден на демократијата е потсетник дека слободата, правото и човековото достоинство не се дадени еднаш засекогаш. Тие се постојано загрозени од злоупотреби, насилство и политички манипулации. Демократијата бара активна грижа, учество и храброст — од институциите, граѓанското општество, медиумите, но и од секој поединец.
ЦИВИЛ – Центар за слобода порачува дека денес, повеќе од кога било, е потребно:
- да се брани независноста на институциите од партиски влијанија и корупција;
- да се заштити слободата на медиумите и новинарите од притисоци, закани и дезинформации;
- да се обезбеди правична застапеност и еднакви можности за сите граѓанки и граѓани, без оглед на етничка, верска, родова или друга припадност;
- да се охрабрува активно учество на младите во креирање на јавните политики и иднината на земјата.
Во Северна Македонија, предизвиците за демократијата остануваат големи: ерозија на довербата во институциите, злоупотреба на јавните ресурси, закани кон активисти и новинари, неказнивост на носителите на моќ. Овие појави ја поткопуваат суштината на демократијата и го разнебитуваат чувството на правда кај граѓанките и граѓаните.
Затоа, ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од сите општествени и политички чинители да преземат одговорност и да се спротивстават на практиките што ја разнебитуваат демократијата. Само така можеме да изградиме праведно и достоинствено општество, во кое секој има еднаква шанса и гласот на граѓаните е навистина слушнат.
Честит Меѓународен ден на демократијата на сите што се борат и придонесуваат за слободно, праведно и хумано општество!
ЦИВИЛ