Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е време украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати договор што би ставил крај на војната со Русија, сугерирајќи дека лидерот чија нација беше нападната бил пречка во постигнувањето мировен договор, објави Си-Ен-Ен.
„Тој ќе мора да тргне и да склучи договор. Ќе мора да склучи договор. Зеленски ќе мора да склучи договор“, рече Трамп во вторникот додека ја напушташе Белата куќа на пат кон Обединетото Кралство.
Трамп се обидува да посредува во постигнувањето крај на конфликтот во Украина, а серијата самити со висок профил минатиот месец – со рускиот претседател Владимир Путин и со Зеленски и мноштво европски лидери – се чини дека направија малку за да ги унапредат преговорите, пишува Си-Ен-Ен.
Русија ги задржа своите максималистички барања за завршување на војната, вклучително и преземање на целиот регион Донбас и инсистирање Украина никогаш да не се приклучи на НАТО.
Сепак, Зеленски беше оној за кого Трамп денеска рече дека мора да се согласи на договор.
„И Европа мора да престане да купува нафта од Русија. Во ред? Знаете, тие зборуваат. Но, тие мора да престанат да купуваат нафта од Русија“, додаде Трамп, обновувајќи го својот повик за повеќе европски напори за завршување на војната.
Трамп инсистираше дека неговиот самит во Алјаска со Путин дал резултати.
„Постигна многу, но за танго се потребни двајца“, рече тој кога беше прашан од Си-Ен-Ен за напредокот еден месец по состанокот во Анкориџ.
„Изгледа дека ќе морам да седам во просторијата со нив, бидејќи не можат да седат заедно во една просторија. Таму има голема омраза“, рече Трамп.
Д. Т.