Српските власти и руската државна корпорација „Росатом“ започнаа разговори за проектот за изградба на нуклеарна централа во Србија, изјави српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ, објави „Biznis.rs“.
„Сериозно разговараме со Росатом. Не мислам дека има подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Дефинитивно ќе го направиме тоа“, рече Бабиќ.
Во ноември 2024 година, српскиот Парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи, кој беше на сила од 1989 година по несреќата во Чернобил. Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година, објавува eKapija.
Белград моментално избира партнер за овој стратешки проект, а освен Русија, според руските медиуми, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Во септември оваа година, Владата на Србија потпиша два меморандуми за соработка со јужнокорејската компанија KHNP, додека француската EDF беше ангажирана да спроведе студија за потенцијалот на нуклеарната енергија во земјата.
Според рускиот медиум „Известија“, според аналитичарите, понудата на Росатом се смета за најповолна бидејќи ги вклучува сите сегменти – од проектирање и изградба, преку снабдување со нуклеарно гориво, до одржување и отстранување на отпад. Голема електрана со два реактори VVER-1200 или помали модули од типовите RITM-200 и RITM-400 се разгледува како можна опција, вели тој.
Д. Т.