Како да се реагира на неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор над територијата на НАТО? Oдбранбената алијанса, како и Советот за безбедност на Обединетите Нации, свикаа посебни седници за ова прашање, пренесува ДВ.
Во своето инаугуративно обраќање пред Советот за безбедност во Њујорк, новиот амбасадор на САД во ОН, Мајкл Валц, ја нагласи обврската за пружање помош во НАТО – вклучително и на САД: „Сакам да ја искористам оваа прва можност да повторам и нагласам дека Соединетите Американски Држави и нашите сојузници ќе го бранат секој сантиметар од територијата на НАТО“. Се очекува Москва да бара начини за деескалација и да не ризикува ескалација на конфликтот, рече Волц.
И Трамп сака да ја брани територијата на НАТО
Набљудувачите во последните месеци постојано го поставуваат прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп навистина би се чувствувал обврзан да обезбеди воена помош доколку е потребно. Но, слично на Волц, и Трамп во неделата на новинарско прашање дали би ги бранел балтичките држави и Полска во случај на понатамошна ескалација од страна на Русија, одговори: „Да, би го сторил тоа“.
Полска, според премиерот Доналд Туск, има намера решително да одговори на нарушувањата на својот воздушен простор. Според извештаите на полските медиуми, владата е подготвена да собори авиони што би можеле да влезат на полска територија и да претставуваат закана.
Ситуацијата е поинаква во случаи кои не се толку јасни, вели Туск. Во тие случаи, мора да се постапува попретпазливо и да се размисли двапати пред да се донесе одлука што би можела да доведе до сериозна ескалација на конфликтот. Туск притоа укажа на инцидентот во петокот (19.09), во кој два руски борбени авиони се приближија до полска нафтена платформа во Балтичкото Море на ниска височина без да ја нарушат полската граница.
Во исто време, шефот на полската влада ја нагласи улогата на сојузниците. Неговата земја мора да биде уверена дека Варшава нема да биде оставена сама во случај на ескалација на конфликтот со Русија.
Вадефул повикува на поголем притисок врз Москва
ОН исто така сметаат дека нарушувањата на воздушниот простор на НАТО што ѝ се припишуваат на Русија се закана за безбедноста во Европа. „Оваа серија инциденти дополнително ги заостри и онака високите тензии што ја загрозуваат европската безбедност“, рече дипломатот на ОН, Мирослав Јенца, во Советот за безбедност, набројувајќи ги неодамнешните инциденти во Естонија, Полска и Романија. Потребна е итна деескалација, бара тој.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, го обвини Кремљ за намерни провокации. Не е случајно што Русија го наруши европскиот воздушен простор трипати во рок од две недели, рече таа во ОН. Русија ги тестира европските граници и ќе продолжи да провоцира сè додека тоа ѝ се дозволува, вели Калас.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, ја повика меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Москва. „Со своето безобѕирно однесување, Русија ја загрозува регионалната безбедност и светскиот мир“, рече тој на вонредната седница во Њујорк.
Заедничка изјава од 49 држави
Нарушувањата на воздушниот простор беа остро осудени не само во Советот за безбедност. Во заедничка декларација, вкупно 49 држави – вклучително и ЕУ, САД и Велика Британија – ја обвинија Русија за „опасна ескалација“. Неодамнешните инциденти укажуваат на „модел на руски провокации против нејзините соседи“ што го загрозува целиот регион, се вели меѓу другото во изјавата. „Неодговорните постапки на Русија претставуваат не само кршење на меѓународното право, туку и дестабилизирачка ескалација што го доближува целиот регион до конфликт повеќе од кога било во последниве години“.
Русија, од друга страна, го обвини Западот за ескалација на тензиите со „неосновани“ обвинувања.
Консултации на НАТО во седиштето во Брисел
Со оваа тема денеска во Брисел ќе се занимаваат и претставниците на 32-те земји-членки на НАТО. Се очекува генералниот секретар Марк Руте да ѝ се обрати на Русија со остри зборови, предупредувајќи од потенцијалните последици во случај на понатамошни повреди на воздушниот простор.
Тој, исто така, би можел уште еднаш јасно да стави до знаење дека руските авиони теоретски би можеле да бидат соборени за да се елиминира каква било закана за територијата на алијансата.
Штрак-Цимерман го нарекува повикот за соборување „бизарен“
И Германија дебатира како земјите-членки на НАТО треба да се справат со руските повреди на воздушниот простор. Експертот за надворешна политика на ЦДУ, Јирген Харт, повика на строги контрамерки, вклучително и соборување на руски борбени авиони. Политичарката на ФДП за одбранбена политика, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, ги опиша ваквите изјави како „бизарни“. Таа за радиото Дојчландфунк изјави дека постои систем за предупредување и дека тој функционира во случај на влегување на авион во воздушниот простор на НАТО. Соборувањето е последно средство само доколку авионот не реагира на командите.
Вајдел: И Путин мора да се придвижи
Во меѓувреме, шефицата на АфД, Алис Вајдел, со зборови кои се невообичаено остри за нејзината партија, ја повика Русија на деескалација. Ако се покаже дека нарушувањето на воздушниот простор се прави од руска страна, тогаш таа може само да предупреди, рече Вајдел во Берлин, одговарајќи на новинарско прашање: „Верувам дека и Русија е повикана да дејствува на деескалациски начин и да не го нарушува дополнително воздушниот простор на НАТО и да ги тестира своите системи за противвоздушна одбрана“.
Ова би имало потенцијал кој би довел до понатамошна ескалација, а исто така трајно би ги оштетило односите меѓу Русија и САД по мировните напори на претседателот Доналд Трамп, оцени Вајдел: „И Путин мора некако да се придвижи, а за жал, досега видовме премалку од тоа“. Според Вајдел, не треба да се тестира трпението на Трамп и не треба да се дозволи тој да го изгуби угледот во своите мировни напори.
Преземено од ДојчеВеле