Коалиција за итни случаи за финансиска одржливост на Палестинската самоуправа вети најмалку 170 милиони долари финансиска поддршка за Палестинската самоуправа, соопшти канцеларијата на палестинскиот премиер Мохамед Мустафа.
Претходно, Норвешка најави дека ќе даде 40 милиони долари, а Саудиска Арабија – 90 милиони долари.
Коалицијата побара од Израел да ги ослободи средствата што и припаѓаат на Палестинската самоуправа. Израел од 1994 година, согласно Парискиот договор, ги собира даночни приходи во име на Палестинската самоуправа.
Во Коалицијата за финансиска помош на Палестинската самоуправа се Белгија, Велика Британија, Данска, Исланд, Ирска, Јапонија, Норвешка, Саудиска Арабија, Словенија, Франција и Швајцарија.
– Оваа коалиција е основана како одговор на итната и невидена финансиска криза со која се соочува Палестинската самоуправа. Непосредната цел е да се стабилизираат финансиите на Палестинската самоуправа и да се зачува нејзината способност да управува, да обезбедува витални услуги и да ја одржува безбедноста, се наведува во соопштението на норвешкото МНР, пренесе МИА.