Чешка сака да стане првата земја од ЕУ што веднаш ќе го ограничи влезот на руски граѓани со дипломатски пасоши и деловни визи од безбедносни причини, соопшти владата, цитирана од француските медиуми.
Мерката ќе се применува на сите аеродроми во земјата. Руските граѓани акредитирани во руската Амбасада во Прага ќе го задржат своето право да влезат во земјата, соопшти чешкото Министерство за надворешни работи.
Европската унија има намера да воведе строги ограничувања за движењето на руските дипломати во Шенген зоната.
„Ние засега сме единствените што го прават ова. Мерката треба да ги инспирира другите земји и да ги надополни европските санкции“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Даниел Драчке.
„Ситуацијата не е идеална, но ќе ни овозможи да го решиме безбедносниот проблем, бидејќи руската дипломатска мрежа крие агенти кои ја загрозуваат“, рече шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски.
Во својот последен годишен извештај, чешката разузнавачка служба соопшти дека Русија продолжува да одржува широка шпионска мрежа што работи под дипломатска покривка во рамките на руската Амбасада во Прага./ МИА