Воведување на брз и модерен автобуски превоз – БРТ линија која ќе ја поврзува северната и јужната страна на градот, изградба на Луна парк и освежување на Зоолошката градина, како и долгорочно решение за проблемите со депониите Вардариште и Дрисла, се едни од топ 20-те клучни проекти од програма на кандидатката на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова која денеска ги презентираше.
– Скопје одамна чека вистински јавен превоз. Првата линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде готова до 2027, а веќе се подготвува и север-југ оска. Воведуваме интегриран билетен систем и приоритетни ленти, а нов мост Влае–Карпош 4 со 6 ленти и патеки за пешаци и велосипеди ќе го направи транспортот побрз и по еколошки. Овој проект е повеќе од автобуси тоа е здрава и подвижна иднина за сите нас, истакна Шукова.
Најави и целосна обнова на ЈСП со нови еколошки автобуси, дигитални таблаи и GPS системи, како и воведување казни за непочитување на возниот ред. Помеѓу другите сообраќајни решенија, проектите вклучуваат изградба на мостови, тунели и нови раскрсници, како и воведување „Зона 30“ за поголема безбедност по улиците каде што се движат деца.
– Скопје мора да биде град по мерка на луѓето, не на автомобилите. Со ослободување на тротоарите и изградба на велосипедски патеки му даваме предност на пешакот и велосипедистот. Со 24/7 мобилна служба ќе се отстрануваат непрописно паркирани возила и предмети, за пешаците и велосипедистите да бидат на прво место, порача Шукова.
Во делот на екологијата, посочува дека треба итно да се реши проблемот со дивите депонии, особено Вардариште кое ќе биде оградено и со 24/7 обезбедување, а депонијата Дрисла ќе биде опремена со механизација. – Чистиот воздух нема партиска боја, порача таа. Планиран е и центар за селекција и рециклирање, кој ќе ја преполови количината на отпад што завршува на депонии.
Скопје, како што рече Шукова, ќе добие 15 нови паркови и 10.000 садници во наредните 15 месеци, како и субвенции за приклучување на централно греење со цел намалување на загадувањето од печки на дрва. Значајна е и иницијативата за уредување на реката Вардар и кејот со пешачки и велосипедски патеки и нова урбана опрема.
– Реката Вардар и кејот треба да бидат гордост, не проблем. Со 24/7 еко-патрола од Лисиче до Хром и уредени патеки, ќе го направиме Вардар место за рекреација и дружење. Кејот ќе добие пешачки и велосипедски патеки, зелени површини и урбана опрема, истакна Шукова.
Во културната и урбаната сфера, најави дигитална туристичка карта за познатите локации во Скопје, реализација на 100 нови мурали за збогатување на јавниот простор и трансформација на Градскиот Трговски Центар во центар за млади, стартапи и култура.
-Скопје мора да стане регионален центар за настани, нагласи таа, најавувајќи нов Конгресен центар за 3.000 посетители.
Единствениот комплекс „Скопје Авантура“, кој е предвиен во проекти на Шукова вклучува зоолошка градина, аквариум и луна парк кои ќе бидат место за забава, образование и рекреација за семејствата и децата.
-Денеска ви ги претставив најважните проекти кои ќе го обликуваат Скопје во следните години. Тие се само почеток на нашата визија за модерен, зелен и динамичен град кој им припаѓа на граѓаните, а не на хаосот, подвлече кандидатката на СДСМ за прв човек на главниот град.
Со овие проекти, Шукова рече дека ветува подобрување на условите за живот во Скопје преку чесно управување и иновативни решенија за сообраќајот, еколошките проблеми и развојот на културата и јавните простори.
фото: СДСМ