Синоќа околу 20:45 часот до полициската управа во Нови Сад е пријавено дека чамец со најмалку десет лица, меѓу кои и државјани на Народна Република Кина, се превртел на Дунав во близина на Плавна, соопшти српското МВР, пренесува N1.
Веднаш по пријавата, испратени се патроли на Полициската управа во Нови Сад, граничната полиција и припадници на Одделот за вонредни ситуации, а контактирана е и полицијата на Република Хрватска, се додава во соопштението.
Во Бачкo Нови Село, едно лице, кинески државјанин, е извлечено од водата за време на спасувачка акција, при што е прогласено за мртво, соопшти МВР.
Исто така, досега се пронајдени уште четири кинески државјани и им е укажана медицинска помош.
Според досегашните информации, хрватската полиција извлекла пет кинески државјани од Дунав – тројца мажи и две жени, додава МВР.
Полицијата продолжува со потрагата и, во соработка со Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, кое го оквалификуваше овој настан како кривично дело нелегално преминување на државната граница и шверц на луѓе, презема мерки и дејствија за утврдување на сите околности на овој настан.
M. Д.