Во окупираниот украински град Олешки се расчистуваат минираните патишта и се подготвува хуманитарна помош, чија испорака е планирана за петок, 30 октомври. Според украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец, утрото на 29 октомври локалниот прекин на огнот траел 54 часа, без регистрирани прекршувања. Тој започнал на 27 октомври во 03:00 часот по кијивско време, за да овозможи доставување помош и подготовка за безбедно заминување на цивилите.
Олешки, на левиот брег на Днипро, остана под руска контрола и по ослободувањето на соседниот Херсон во ноември 2022 година. Близината до фронтот и прекинатите сообраќајни врски го отежнаа пристапот до територијата контролирана од Украина.
Пред руската инвазија, градот имал околу 24.000 жители. Според извештаите, останале околу 2.000 цивили, многумина постари лица со ограничена подвижност и луѓе што се грижат за нив. Поплавите по уништувањето на браната Каховка во јуни 2023 година дополнително ги разорија условите за живот.
Според раководителката на украинската градска воена администрација, Тетјана Хасаненко, редовното доставување храна и лекови било прекинато од мај. Минираните патишта и опасноста од дронови ги оставиле жителите практично заробени. Болницата останала со речиси исцрпени резерви на лекови, а итната медицинска помош престанала да функционира.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди:
„Во Олешки, каде што руската окупација предизвика хуманитарна катастрофа, прекинот на огнот трае 54 часа. Во петок се очекува хуманитарна помош. Катастрофата ги зафаќа и соседните места во окупираната Херсонска област. Според руската страна, прекинот ќе трае до 1 ноември 22:59 ч.“
Во Олешки, каде што руската окупација предизвика хуманитарна катастрофа, прекинот на огнот трае 54 часа. Во петок се очекува хуманитарна помош. Катастрофата ги зафаќа и соседните места во окупираната Херсонска област. Според руската страна, прекинот ќе трае до 1 ноември 22:59 ч. https://t.co/Y8X6db0hnu
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 29, 2026
Украинските извештаи го наведуваат 1 ноември во 22:59 часот како предвиден крај на привремениот прекин. Приоритетите на мисијата се помош за луѓето што остануваат во градот и обезбедување безбедни патишта за евакуација.
Лубинец го координира спроведувањето на договорите со руската народна правобранителка Јана Лантратова. Тој ѝ се заблагодари и на американската прва дама Меланија Трамп за ангажманот во хуманитарната мисија.
Прекинот донесе ретко затишје и во Херсон, каде што жителите повторно излегуваат на улиците со помал страв од напади. Сепак, станува збор за локална и временски ограничена хуманитарна операција. Руската окупација на Олешки продолжува, а испораката на најавената помош и безбедната евакуација остануваат следните клучни чекори.
ЦМ Деск













