Контејнерскиот брод CONTSHIP JET потона во Црното Море во текот на ноќта на 29 октомври, откако претходниот ден беше погоден од три поморски дрона во ексклузивната економска зона на Бугарија. Сите 18 членови на екипажот беа спасени, а бугарските институции спроведуваат проверки за можни последици врз морската средина. Нападот се случи во период на серија инциденти со комерцијални бродови во западниот дел на Црното Море, со што повторно се отворија прашањата за безбедноста на поморскиот сообраќај во регионот.
CONTSHIP JET, брод со либериско знаме управуван од грчка компанија, пловел од израелското пристаниште Хаифа кон романското пристаниште Констанца. Нападот се случил на 28 октомври, околу пладне, во близина на ’Ртот Калиакра, на приближно 21 наутичка милја југоисточно од Шабла, според информациите на бугарското Министерство за одбрана.
Нападот бил забележан преку системот за надзор на бугарската морнарица, а информации за поморските дронови пристигнале и од патролен авион на француската воена морнарица. По првиот удар следувале уште два, при што бродот претрпел сериозни оштетувања.
Бугарските воени бродови веднаш биле испратени на местото на инцидентот. Според Министерството за одбрана, во спасувачката операција учествувале три пловила на бугарската морнарица.
На бродот имало 18 морнари – 14 филипински и четворица украински државјани. Сите биле евакуирани и без повреди пренесени во Варна, каде што им била обезбедена медицинска проверка и сместување.
И покрај спасувањето на екипажот, бродот не можел да се одржи на површината. По сериозните оштетувања, тој потонал во текот на ноќта, што наметна дополнителни проверки за состојбата на морето и можните опасности од товарот.
Според бугарскиот национален радиодифузер, бродот превезувал 421 контејнер, од кои околу 20 паднале во морето. Командантот на бугарската морнарица, контраадмирал Кирил Михајлов, соопштил дека товарот вклучувал горива и други опасни материи. Во меѓународните извештаи се споменуваат и литиум-јонски батерии, киселини и запаливи течности.
Засега нема официјално потврдена информација за потеклото на дроновите и за тоа кој го извршил нападот. Контраадмирал Кирил Михајлов изјавил дека потеклото на беспилотните летала не е утврдено.
Нападот се случил во време кога безбедноста на пловидбата во Црното Море е под зголемен притисок поради војната во Украина и повторените инциденти со комерцијални бродови во регионот.
Инцидентот се случи во период кога во Софија се одржуваше трилатерална средба на министрите за одбрана и началниците на одбраната на Бугарија, Романија и Турција, посветена на безбедноста во Црното Море.
Б. Ј.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












