Кандидатите за градоначалници низ земјава најавуваат серија проекти кои го подобруваат животот на граѓаните – од нови стадиони, културни домови и училишта, до патни поврзувања, водоводни резервоари и зелени енергетски решенија. Овие најави ја претставуваат нивната визија за развој на локалните заедници и поддршка на социјалните и инфраструктурните потреби на населението.
Ѓорѓиевски: Шуто Оризари ќе добие нов стадион, обновен спортски центар и културен дом „Есма Реџепова“
Нов фудбалски стадион, реконструкција на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, изградба на нов Културен дом „Есма Реџепова“ и спроведување на социјалната програма „Скопје – град кој се грижи за сите“ се низа инфраструктурни и социјални проекти за Шуто Оризари кои денеска ги најави кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиоски.
Независниот кандидат за градоначалник Миран Митревски најави иницијатива за патно поврзување на Македонска Каменица и Крива Паланка
Независниот кандидат за градоначалник на Македонска Каменица, Миран Митревски, во рамки на својата изборна програма ја претстави иницијативата за изградба на патна врска меѓу Македонска Каменица и Крива Паланка преку Осоговските Планини.
Кандидатот за градоначалник на Пехчево од СДСМ, Златко Николовски најави уредување на Спиковскиот водопад
Според Николовски, во рамките на проектот ќе бидат изградени пешачка патека со должина од 750 метри, седум пешачки моста и седум видиковци, како и платформа пред самиот водопад. Дополнително, долж патеката ќе биде поставена урбана опрема за посетителите.
По смртта на Панчо Минов нов носител на листа за советници е неговата ќерка Лимба Минова Златевска
По смртта на Панчо Минов, нов носител на независна листа кандидати за советници на претстојните локални избори, е неговата ќерка Лимба Минова Златевска. Оваа информација за МИА ја потврди Емилија Петровска, претседателка на Општинска изборна комисија Кавадарци. Минова Златевска е родена 1992 година.
Мицевски: Сопиште ќе добие нов резервоар за вода
Јане Мицевски, кандидат за градоначалник за општина „Сопиште“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дека заедно со неговиот тим, програмата со проекти соодветна за општина Сопиште е веќе подготвена, и дека инфраструктурата, спортот, образованието и безбедноста ќе бидат области на кои активно ќе се работи како и решавањето на проблемот за ненавремениот автобуски превоз, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Меџити: Официјално започнува проектот од 40 милиони евра за изградба на кампусот на универзитетот „Мајка Тереза“
Во рамките на претставувањето на вториот столб од неговата изборна програма “Образование“, кандидатот за градоначалник на општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, соопшти дека започнува изградбата на кампусот на универзитетот “Маjка Тереза“, капитален проект во вредност од 40 милиони евра, поддржан од Владата, се вели во соопштението од ПР тимот на Меџити.
Касами: Прв пат по повеќе од 20 години во Тетово се гради училиште
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами одржа прес-конференција на која се осврна на реализираните проектите во областа на образованието, како и плановите доколку добие втор мандат.
-Како градоначалник на Општина Тетово, посветив посебно внимание на образованието, кое беше запоставено, политизирано и без никакви инфраструктурни инвестиции. За прв пат по повеќе од 20 години, во Тетово се гради училиште. Го градиме објектот на Средното текстилно училиште и Гимназијата „7 март“, објект со современи наставни простории, лаборатории, кабинети и помошни простории, со што се обезбедуваат високи инфраструктурни стандарди. За овие две училишта инвестираме околу пет милиони евра, делумно со финансиска поддршка од Владата, рече Касами.
Тој најави дека образованието ќе биде дел од приоритетите и во следниот мандат.
Митески: Фотоволтаици на секоја зграда и куќа во Аеродром, инвестиција за еколошка иднина
Секој покрив во Аеродром има потенцијал за зелена енергија и финансиска придобивка за граѓаните, се вели во соопштението од кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески.
Создаваме системско решение кое ќе значи поставување на фотонапонски централи на крововите во Ареродром и на тој начин граѓаните да добијат можност, преку искористување на овој потенцијал да ги реновираат фасадите, лифтовите, да заменат прозорци, да ги реконструираат крововите.
Д.М.