Пред два дена се случи инцидент меѓу пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово, Арменд Земај, и еден граѓанин. Настанот се случил на плоштадот во Приштина, додека Земај давал интервју, кога минувач се доближил и го нарекол „лажго“. Пратеникот реагирал бурно и физички го нападнал човекот.
На видеото објавено од „Газета Блиц“ се гледа како Земај зборува пред камерите, а во позадина граѓанинот довикува: „сите сте лажговци“ и „лажете“. Пратеникот му возвратил „лажат мајкати и женати. На кого му кажуваш дека лажам“, по што, кога минувачот му се приближил, го удрил со бокс во лицето.
🇽🇰 Opposition MP Armend Zemaj (LDK) beat up a Vetevendosje supporter from the diaspora who called him a liar during a live interview. pic.twitter.com/AjQpTwe3py
— kos_data (@kos_data) October 25, 2025
По инцидентот, Земај се извини на својот Фејсбук-профил, наведувајќи дека жали за случката.
„Денес (24 октомври), за време на јавно интервју, се случи непријатна ситуација, за која искрено жалам. Граѓанин, не знам дали беше случајно или намерно, полицијата ќе го потврди ова, ме навреди и вербално ме провоцираше со неприфатливи зборови, пред медиумите и новинарот кој беше на интервјуто. Во тој момент, реагирав на начин на самоодбрана во моите емоции, што не ги претставува ниту моите лични убедувања ниту принципите што ги претставувам како пратеник и како член на Демократски сојуз на Косово.
Во овие случаи на напади и ниски навреди, секако треба да одржувам смиреност и достоинство во сите околности и покрај провокацијата, што никогаш не ми се случило во текот на мојата кариера, насилството, во која било форма, не е правилен одговор. За оваа постапка, изразувам жалење и јавно се извинувам.
Имам целосно почитување кон секоја личност, секое мислење и секоја критика, без разлика колку е сурова, мое е да не реагирам со емоции. Затоа, тоа треба да ми служи како лекција да бидам потрпелив и повоздржан во секоја ситуација. Ви благодарам на сите за вашето разбирање“, објави тој.
Косовската полиција го потврди инцидентот, а реакциите во јавноста не изостанаа.
Д. М.












