• Latest
Амб. Лариса Дир

Украинската амбасадорка Лариса Дир за ЦИВИЛ МЕДИА: Рускиот агресор ги користи студот и темнината како оружје против Украинците

October 30, 2026

Последната граница – во спомен на сер Патрик Стјуарт

October 30, 2026

Севернокорејски хакери поврзани со рекордна кражба во вредност околу 6,36 милијарди долари од криптоберзата Binance

October 30, 2026
Илустрација ВИ

Власта во Србија меѓу рокот за конституирање и механизмите за одолговлекување на СНС

October 30, 2026

Напад со три поморски дрона во Црното Море: Потона брод, сите 18 морнари се спасени

October 29, 2026
Олешки, Украина, 2026

Олешки чека храна и лекови: Прекин на огнот во украинскиот град под руска окупација

October 29, 2026

Избори во Израел: Обвинувања за изборни нерегуларности, арапските партии со рекорден резултат, неизвесни коалициски преговори

October 29, 2026

Светската банка: Енергијата поскапува 32%, растот на цените на храната ќе продолжи и во 2027 година

October 29, 2026

Москва е најголемиот губитник од падот на Орбан и Вучиќ

October 29, 2026

Избори во Србија: Прегласување на 53 избирачки места на 1 ноември, Студентската листа во предност

October 29, 2026

Парите и постизборна Србија: Сомнежи за трансфери кон Скопје и Москва, Алта банка под лупа

October 29, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ИНТЕРВЈУ

Украинската амбасадорка Лариса Дир за ЦИВИЛ МЕДИА: Рускиот агресор ги користи студот и темнината како оружје против Украинците

October 30, 2026 14:18
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, ИНТЕРВЈУ, ТОП 5, ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Амб. Лариса Дир

Амб. Лариса Дир

Share on FacebookShare on Twitter

Во пресрет на уште една зима под руска агресија, заштитата на цивилното население и обезбедувањето електрична енергија, греење и вода остануваат меѓу најголемите предизвици за Украина. Во писмено интервју за ЦИВИЛ МЕДИА, амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир, предупредува на последиците од руските напади врз енергетската инфраструктура и повикува на дополнителна меѓународна поддршка. Истовремено, таа ја потврдува подготвеноста на Украина за енергетско примирје и ги образложува позициите на Кијив за завршување на војната.

Дир говори за санкцискиот притисок врз Русија, состојбата на привремено окупираните украински територии, незаконската депортација на децата и судбината на цивилите и воените заробеници во руско заробеништво. Во фокусот се и руските сајбернапади и дезинформации како закана за европската безбедност, како и реформите со кои Украина го продолжува својот пат кон Европската Унија.

Интервјуто завршува со конкретен повик за солидарност: поддршка за набавка на генератор за амбулантата во Чистопил, во рамките на иницијативата „Топлина за Украина“, за да може да продолжи да обезбедува медицинска помош и при прекини во снабдувањето со електрична енергија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Амбасадорке Дир, какви последици имаат руските напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура во пресрет на зимата? Каква поддршка ѝ е најпотребна на Украина за да ги заштити граѓаните и да ја зајакне својата енергетска отпорност?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Русија продолжува со секојдневните напади врз украинските градови, цивилното население и енергетската инфраструктура, оставајќи стотици илјади украински семејства без електрична енергија и водоснабдување. Во текот на изминатата недела таа употреби речиси 2.300 ударни дронови, 1.600 наведувани авионски бомби и 48 ракети од различни типови. Од средината на летото се регистрирани 2.147 напади врз енергетската инфраструктура на Украина.

Овие напади имаат директно влијание врз секојдневниот живот на луѓето и функционирањето на системите од критично значење. Кремљ се обидува да ја искористи зимата како средство за притисок врз украинското општество, лишувајќи ги луѓето од електрична енергија, греење и вода.

Важни се заклучоците на Независната меѓународна комисија на ООН за истражување на прекршувањата во Украина, претставени на 26 октомври 2026 година во извештајот пред Третиот комитет на 81-та сесија на Генералното собрание на ООН. Комисијата утврди дека руските намерни напади врз енергетската инфраструктура, кои повеќе од четири години лишуваат милиони Украинци од електрична енергија, греење и вода, претставуваат воени злосторства, додека масовните и систематски напади што предизвикале тешки страдања кај цивилното население претставуваат злосторство против човештвото. Комисијата, исто така, заклучи дека овие напади биле намерни и биле во согласност со државната политика на РФ, насочена кон лишување на цивилното население од енергоснабдување од животно значење.

Би сакала секој што има можност да донесува одлуки на државно ниво во својата земја да ги земе предвид овие заклучоци, особено во пресрет на зимата. Русија продолжува да ги користи студот и темнината како оружје против Украинците. Животите на милиони Украинци повторно се загрозени поради студот и темнината.

Токму затоа, во пресрет на зимата, за нас е особено важно да ја зајакнеме енергетската отпорност на земјата и да обезбедиме дополнителна меѓународна поддршка.

Исто така, наш главен приоритет останува зајакнувањето на противвоздушната одбрана, особено обезбедувањето ракети пресретнувачи и муниција за различни системи, вклучително и за Ф-16, како и средства за спротивставување на реактивните дронови „Шахед“. На Украина ѝ се потребни нови пакети помош и поддршка за покривање на недостигот во одбранбениот буџет.

ЦИВИЛ МЕДИА: Дали Украина останува подготвена за енергетско примирје и какви можности гледате за поширок прекин на огнот? Кои се црвените линии на Украина во напорите за завршување на војната?

АМБ. ДИР: Да, Украина уште еднаш ја потврди својата подготвеност за енергетско примирје. Взаемниот прекин на нападите врз енергетската инфраструктура би можел да биде првата практична потврда за подготвеноста на Русија да ја заврши војната, но Кремљ продолжува да издава наредби за напади врз енергетската инфраструктура на Украина.

Украина никогаш не била и нема да биде пречка за мирот и останува конструктивна, настојувајќи да го приближи крајот на војната. Истовремено, нашите црвени линии остануваат непроменети: територијалните прашања може да се разгледуваат само на ниво на лидери, ограничувањата на Вооружените сили на Украина и неутралноста на Украина не се предмет на дискусија, а безбедносните гаранции не може да ги диктира РФ.

Украина е подготвена за енергетско примирје, прекин на огнот на море, размена на заробеници според формулата „сите за сите“ и средба на лидерите.

ЗАСОЛНИШТЕ ОД ТЕРОРОТ: Деца и возрасни во метрото на Кијив

1 of 3
- +

ЦИВИЛ МЕДИА: Како треба да се засили санкцискиот притисок за да се ограничат изворите на финансирање на руската воена машинерија? Со што треба да биде условено евентуалното ублажување или укинување на санкциите?

АМБ. ДИР: За да се запре руската агресија, меѓународната заедница мора да ги искористи сите расположливи инструменти за притисок. Приходите од трговијата со нафта, гас и нафтени деривати остануваат главен извор на финансирање на војната против Украина. Ублажувањето на санкциите без јасни обврски за деескалација ги зголемува ресурсите на Кремљ, го поттикнува продолжувањето на агресијата и го оддалечува мирот. Секој долар од продажбата на енергенси помага во финансирањето на руската воена машинерија и теророт врз цивилното население.

Санкцискиот притисок мора да биде поврзан со завршувањето на војната, а не со можноста за дијалог.

Санкциите беа воведени како одговор на дрската руска вооружена агресија, па затоа нивното укинување мора да се одвива според јасен механизам поврзан со завршувањето на војната.

Украина се залага за засилување на притисокот врз клучните сектори на руската економија — нафтената индустрија, финансискиот систем, енергетиката, ИТ-секторот и воено-индустрискиот комплекс. Во овој контекст, важно е неодамнешното најголемо по обем проширување на санкциските списоци на ЕУ против Русија (речиси 1.600 нови вклучувања во санкцискиот список, насочени, меѓу другото, против воено-индустрискиот комплекс, при што повеќе од половината се поврзани со производството на балистички ракети).

На 24 октомври 2026 година, Претседателот на Украина Володимир Зеленски потпиша Укази за стапување во сила на одлуките на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина за санкции против руски субјекти и лица кои придонесуваат за производството на руски балистички ракети, како и кои го снабдуваат рускиот воено-индустриски комплекс со опрема и компоненти за воена авијација, оклопни возила, ракетно вооружување и дронови. Ефективниот санкциски притисок мора да продолжи за да ѝ се одземе на државата агресор можноста да ги потхранува механизмите на војната, која за Кремљ претставува основно начело на неговото постоење.

ЦИВИЛ МЕДИА: Каква е хуманитарната состојба на привремено окупираните украински територии, особено во Олешки, и со какви прекршувања на човековите права се соочува населението под руска окупација?

АМБ. ДИР: Хуманитарната состојба на украинските територии привремено окупирани од РФ останува крајно загрижувачка.

Во окупираниот град Олешки, во Херсонската област, околу 2.000 луѓе, меѓу кои 50 деца, подолг период немаат соодветен пристап до храна, вода за пиење и лекови. Уште околу 4.000 луѓе, меѓу кои приближно 150 деца, остануваат во селата на територијалната заедница. Доставувањето помош е отежнато поради патиштата минирани од руските војски, што го попречуваат безбедниот пристап до градот.

На 27 октомври во 3:00 часот по кијивско време, во реонот на Олешки започна режим на прекин на огнот, кој ќе трае неколку дена. Главната цел е да се прекине блокадата, да им се овозможи на луѓето да живеат и, доколку е можно, да се евакуираат на слободна територија на Украина, каде што би можеле да добијат сè што им е потребно и соодветна поддршка.

Но, вистината е дека состојбата и на другите украински територии привремено окупирани од РФ е ужасна. Русија систематски применува незаконски приведувања, тортура и фиктивни судски постапки, вклучително и против украински деца, со што го прекршува меѓународното хуманитарно право. Систематската дискриминација, прогонувањето и репресиите врз украинските граѓани врз основа на јазикот претставуваат клучни елементи на суровата политика на Кремљ насочена против Украинците.

Украинците на привремено окупираните територии кои одбиваат да добијат руско државјанство се соочуваат со закани, заплашувања и ограничувања на пристапот до хуманитарна помош и основните животни потреби.

Руската окупација на украинските територии е проследена со систематски прекршувања на човековите права, притисоци врз граѓаните и обиди Украинците да бидат лишени од нивниот национален идентитет. Затоа, меѓународното внимание кон состојбата на привремено окупираните територии и документирањето на прекршувањата остануваат од исклучителна важност.

Олешки, Украина, 2026

ЦИВИЛ МЕДИА: Што се знае за размерите на незаконската депортација и присилното преместување на украинските деца? Како се одвива нивното враќање и колку е важна меѓународната поддршка, вклучително и учеството на Северна Македонија во овој процес?

АМБ. ДИР: Русија продолжува со присилното преместување и незаконската депортација на украинските деца, истовремено попречувајќи го нивното враќање и повторното обединување со семејствата. Евидентирани се повеќе од 20.651 пријава за незаконска депортација или присилно преместување на деца. Русија не им ги доставува на Украина и на меѓународните организации потребните информации, што го отежнува пронаоѓањето на децата и проверката на податоците за нив.

По депортацијата, окупаторите им го менуваат државјанството на децата, ги предаваат на руски семејства, а исто така го попречуваат нивното заминување од РФ. Регионалниот центар за човекови права документираше 165 таканаречени „кампови за превоспитување“, во кои украинските деца се подложени на милитаризација и русификација.

И покрај пречките од страна на РФ, Украина успеа да врати 2.752 деца од депортација, присилно преместување и од привремено окупираните територии. Благодарни сме им на сите земји учеснички во Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, вклучително и на Северна Македонија, за нивната активна вклученост и напорите во процесот на враќање на украинските деца. Секое враќање значи враќање на правото на детето на семејство, безбедност и сопствен идентитет. Тоа е повторна средба на детето со неговите родители.

РУСКИ ТЕРОР | Украина, 28 октомври 2026

1 of 8
- +

ЦИВИЛ МЕДИА: Што се знае за судбината и условите во кои се држат украинските цивили и воени заробеници во руско заробеништво? Какви резултати постигнуваат напорите за нивно ослободување и што е неопходно за тие да се вратат дома?

АМБ. ДИР: Русија незаконски држи во заробеништво илјадници украински цивили. Украина утврди случаи на незаконско приведување на 1.926 цивили, додека местото на престој на уште 12 887 лица останува непознато. Некои Украинци се во заробеништво речиси 12 години.

Во јануари 2026 година, на Русија и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст им беа доставени списоци на цивили чие ослободување е приоритетно: 245 лица на возраст над 60 години, 176 жени, 276 лица приведени пред почетокот на целосната инвазија, како и тројца претставници на ОБСЕ. Русија не достави одговор.

На Украина ѝ се познати повеќе од 300 места каде што се држат Украинци во Русија, Белорусь и на привремено окупираните територии. Меѓународниот комитет на Црвениот крст нема пристап до овие места. Според податоците на ООН, повеќе од 95 % од анкетираните украински воени заробеници изјавиле дека биле изложени на тортура или сурово постапување. ООН потврди 129 егзекуции на украински воени заробеници и 48 смртни случаи во заробеништво.

Според податоците на Координативниот штаб за постапување со воените заробеници, заклучно со 26 октомври, од руско заробеништво биле ослободени 9.996 лица. На 23 октомври дома се вратија 270 Украинци, меѓу кои 261 воено лице и 9 цивили. Повеќето од нив биле заробени во 2022 година, вклучително и 221 лице за време на одбраната на Мариупол, меѓу кои 72 бранители на „Азовстал“.

Годинава, темата на средбата на земјите учеснички во Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, која се одржа во Торонто на 28 и 29 септември, под заедничко претседавање на Украина, Канада и Норвешка, беше „Патишта кон мирот: враќање на украинските деца, незаконски задржаните цивили и воените заробеници“. Дека ова не е случајно, веќе можевте да заклучите од наведените бројки и факти.

Враќањето на заробениците е неопходен услов за воспоставување мир. Русија мора да биде повикана на одговорност за своите злосторства, незаконското задржување луѓе и нечовечкото постапување со заробениците.

Имињата на заробениците мора постојано да се споменуваат и да се пренесуваат понатаму. Неопходно е да се вложуваат постојани напори за нивно јавно споменување, со цел конечно да се издејствува нивното ослободување..

ЦИВИЛ МЕДИА: Како Русија ги користи сајбернападите, дезинформациите и другите форми на хибридно дејствување во својата агресија против Украина? Што значи проширувањето на овие закани за безбедноста на Европа?

АМБ. ДИР: Руската агресија не се ограничува само на физичките напади врз украинските градови. Таа го опфаќа и сајберпросторот, информативниот простор и други области што директно влијаат врз безбедноста на европските држави.

Според податоците од Microsoft Digital Defense Report 2026, Украина е на третото место во светот меѓу земјите што се најмногу погодени од сајберзакани.

Истовремено, Русија ги зголемува средствата за финансирање на пропагандата, кои годинава се зголемени за 54 %. Руските пропагандни центри користат манипулации со информации, автоматизирани мрежи од ботови и содржини создадени со помош на вештачка интелигенција за да влијаат врз јавното мислење и да ја дискредитираат Украина.

Овие закани веќе не се однесуваат само на Украина. Русија повеќе не ја става Европа само на испит — таа веќе ја напаѓа. Методите на притисок што Русија со години ги применуваше против Украина сега се насочени и против земјите од ЕУ и НАТО.

Очигледно е дека е неопходна решителна стратегија за справување со руските закани, бидејќи станува збор за безбедноста и опстанокот.

Амб. Лариса Дир

ЦИВИЛ МЕДИА: Како Украина ги спроведува реформите за членство во Европската Унија во услови на војна? Какво значење имаат новите законски мерки за образовните права на домородните народи и националните малцинства за напредокот во пристапните преговори?

АМБ. ДИР: И покрај војната, Украина продолжува да работи на реформите и исполнувањето на обврските на патот кон членство во Европската Унија. Ова е важно бидејќи борбата на Украина не е само за сопствената безбедност, туку и за можноста слободно да ја определува својата иднина.

На 12 октомври, Претседателот на Украина Володимир Зеленски потпиша Закон за обезбедување на образовните права на домородните народи на Украина и националните малцинства. Законот предвидува воведување статус „училиште на национално малцинство“ за образовните установи во кои припадниците на одредена етничка група или домороден народ сочинуваат повеќе од 50 % од учениците. Овие училишта ќе имаат право да го користат мајчиниот јазик покрај државниот јазик во наставата, во називите на установите, основачките документи и тековната документација. Исто така, учениците што ќе го завршат образованието ќе можат да добиваат документи за завршено образование на државниот јазик и нивни дупликати на јазикот на националното малцинство.

Оваа одлука има големо значење за европската интеграција на Украина. Усвојувањето на соодветното законодавство беше едно од барањата на Владата на Унгарија за деблокирање на отворањето на два преговарачки кластера во рамките на пристапувањето на Украина кон ЕУ: кластерот бр. 2 „Внатрешен пазар“ и кластерот бр. 3 „Конкурентност и инклузивен раст“.

Отворањето на овие кластери не е само политичко прашање, туку и прашање на конкретни правила за функционирањето на украинската економија според стандардите на ЕУ. Истовремено, овој процес е значаен и за моралот и мотивацијата на украинското општество.

Украина работи на сите прашања неопходни за напредок на преговарачкиот процес и исполнување на обврските на патот кон членство во Европската Унија.

ЦИВИЛ МЕДИА: За крај, каков повик би упатиле до граѓаните и потенцијалните донатори во рамките на иницијативата „Топлина за Украина“? Каква помош е потребна за амбулантата во Чистопил и што би значела таа за локалното население?

АМБ. ДИР: Би сакала да упатам молба за поддршка на нашата хуманитарна иницијатива. Во рамките на #WarmthForUkraine започнуваме нова акција за собирање средства за генератор за амбулантата во селото Чистопил, во Никополскиот реон на Днипропетровската област, кое се наоѓа на 20 километри од линијата на фронтот. Генераторот ќе ѝ помогне на амбулантата да продолжи да обезбедува медицинска помош за време на прекините во снабдувањето со електрична енергија. Ги повикуваме сите што сакаат да помогнат да се приклучат.

 


ТОПЛИНА ЗА УКРАИНА

Дознајте ТУКА како можете да помогнете во набавката на генератор за амбулантата во Чистопил.

Tags: Олешкируски терорУкраинацивилицивилна инфраструктура
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ