Ванчо Орданоски
Ѕвездени патеки ги гледам уште од младоста. И денес, по толку децении, сè уште ги гледам. Повторно и повторно. Со подотворена уста. Никој да не ме вознемирува.
Кога ќе заврши последната епизода, едноставно ја пуштам првата. Ентерпрајз, NCC-1701-D, повторно тргнува на пат.
Сѐ започна со фасцинацијата за вселената, далечните галаксии, непознатите цивилизации или неверојатната технологија. Половина од домашната библиотека ми е Sci-Fi.
За конечно да премине во осознавањето дека, всушност, приказот на човечноста била вистинската причина.
И никој не ја претставуваше човечноста подобро од капетан Жан-Лук Пикар, кому сер Патрик Стјуарт му даде не само глас и лице, туку и душа. Тоа беше улогата која го дефинираше Патрик Стјуарт, иако неговата актерска кариера се протега од Шекспиријанските штици до многу филмови и улоги.
Меѓутоа, за мене, секогаш, најпрво, ќе биде Капетан Пикар – двата ликови, реалниот и имагинарниот, се нераздвоиви. Затоа, кога пишувам за Пикар, пишувам и за Патрик Стјуарт.
Да расчистиме: Пикар? Пикард? Според легендата, Пикар по потекло е од Франција, кадешто неговото семејство има лозови насади, па јас го избирам француското „Пикар“. Вие – како повеќе ви се допаѓа.
Пикар не беше совршен. Се сомневаше, грешеше, страдаше, понекогаш се плашеше. Беше асимилиран од Боргот, стана нивен претставник. Имаше свои слабости, свои внатрешни битки. Но, секогаш се обидуваше да биде подобар. Да разбере пред да осуди. Да разговара пред да употреби сила. Почит кон секоја форма на живот, биолошка, технолошка или квантумска (да, дури и кон Q!).
Во универзум населен со безброј интелигентни суштества, во кој андроидот Дата се обидуваше да разбере што значи да се биде човек, Пикар ни покажуваше дека човечноста не е прашање на потекло, биологија или припадност. Таа е прашање на избор. На сочувство, достоинство, љубопитност, принципи и одговорност. Секогаш да се стават другите пред себе.
Каков прекрасен парадокс: во бескрајната вселена, меѓу милијарди ѕвезди, непознати светови, алтернативни универзуми, најважното нешто што го истражуваше Пикар беше човечноста.
Како да ги заборавиме вечните фрази кои тој ги повторуваше во секоја епизода:
Space, the final frontier – вака започнува секоја епизода на Star Trek. Последната граница, всушност, не беше некаде меѓу ѕвездите. Беше во нас самите. Во нашата способност да ги надминеме предрасудите, сопствените ограничувања, стравот и омразата.
Make it so – Со овие три зборови, Пикар нè учеше дека принципите немаат вредност ако немаме храброст и одлучност да постапуваме според нив.
Engage – Повик кон продолжување напред, кон непознатото, со надеж дека тоа што следува ќе биде подобро.
Патрик Стјуарт го направи Пикар вистински човек. И затоа, за нас што пораснавме и остаревме со него, тој никогаш нема да биде само телевизиски лик. Тој е стар пријател, sensei и тивок потсетник на она најдоброто што човештвото може да биде.
И сега, кога го нема, не чувствувам дека патувањето завршило. Не верувам дека сер Патрик Стјуарт навистина умре.
Тој само замина на нова мисија. На уште едно патување кон непознатото. Таму каде што никој досега не бил.
To boldly go where no one has gone before.
Engage, Captain.
И Ви благодариме што нè учевте што значи да се биде човек.













