Доколку Косово влезе во 2026 година без нова влада и одобрен буџет, последиците би можеле да бидат сериозни за функционирањето на државата. Ова е она што го предупредува економскиот експерт и поранешен министер за финансии Хаки Шатри, кој нагласува дека актуелната влада нема законски мандат да предложи нов буџет или да побара продолжување на постојниот, пишува Радио Слободна Европа на албански јазик.
Тековниот буџет истекува на 31 декември 2025 година, а во отсуство на нов закон за привремени расходи за месеците јануари и февруари, државните институции ќе останат без финансиски средства за најосновните плаќања. „Без законско решение, државата нема да има ниту плати за јавните службеници, ниту пензии, ниту детски додатоци. Нема да има средства за армијата, полицијата или службите за итни случаи“, предупредува Шатри во интервју за РСЕ.
Според него, таквата ситуација би претставувала сериозно кршење на Законот за управување со јавни финансии и би ја довело државата во опасност од институционален банкрот. „Неприфатливо е по 25 години ослободување, Косово да се соочи со целосна нефункционалност поради недостаток на управување“, додава тој, апелирајќи за итна акција од целиот политички спектар.
Финансиските експерти оценуваат дека доцнењата во формирањето на институциите не се само политичко прашање, туку директно влијаат и врз економијата на земјата, социјалната стабилност и довербата на граѓаните во државата. Без навремено одобрен буџет, развојните проекти и јавните инвестиции исто така ќе бидат запрени, продлабочувајќи ја неизвесноста во приватниот сектор и пазарот на трудот.
Шатри заклучува дека одговорноста е на сите политички партии, кои мора да најдат компромис за да избегнат буџетска криза и да ја одржат функционалноста на институциите. „Ова е тест за политичка зрелост и одговорност кон граѓаните“, нагласува тој.
Подготви: Д. Тахири












