Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека секоја стабилизациска сила во Газа мора да има „целосен меѓународен легитимитет“ за да ги поддржи Палестинците во Газа.
Во интервју за Ал Џaзира, на Вториот светски самит за социјален развој, Гутереш рече дека примирјето постигнато во опколената и бомбардирана крајбрежна енклава по „ужасните страдања и глад“ останува деликатно и има потреба од меѓународни гаранции.
„Важно е силата што е создадена да има целосен меѓународен легитимитет за да се справи со страните и населението на Газа“, порача Гутереш.
Предложените меѓународни сили за Газа беа дел од мировниот план за Газа од 20 точки на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Но, останува спорно кои нации ја сочинуваат таа сила. Израел, со поддршка од САД, веќе изјави дека нема да прифати Туркије, клучен посредник за прекин на огнот во Газа, да има каква било улога на терен. Туркије, која постојано ја осудува геноцидната војна на Израел во Газа, оваа недела одржа состанок на највисоко ниво барајќи од Израел да престане да го крши примирјето и да дозволи клучна хуманитарна помош да влезе во загрозената палестинска енклава, пишува Ал Џазира.
И покрај критиките, Гутереш рече дека мандатот од Советот за безбедност на ОН (СБОН) останува „извор на легитимитет“ за секоја стабилизациска сила, предупредувајќи дека без него, ризикот од обнова на конфликтот останува висок.
Шефот на ОН, исто така, ги пофали САД што го натераа Израел да го прифати сегашниот прекин на огнот.
„Владата на Израел имаше други намери… а тоа беа да ја води војната до крај, но Американците, во одреден момент, сфатија дека е доста“, забележа тој.
Д. Т.











