Хибридните закани ретко се појавуваат ненадејно — тие се акумулираат под површината, еволуирајќи преку наративи, мрежи и канали на влијание, далеку пред да станат видливи кризи. За Северна Македонија, каде што геополитичката и внатрешната поларизација и манипулацијата со инфрмации се спојуваат, раното откривање зависи од будноста низ општествените, политичките, економските и културните домени.
Тимот за мониторинг на хибридни закани на ЦИВИЛ препорачува внимателно следење на следните сигнали (списокот не е исцрпен):
- Информациски простор: Необичен пораст на активности на социјалните мрежи што промовираат анти-ЕУ или анти-НАТО наративи, особено преку новосоздадени или координирани страници и Телеграм канали.
- Културно и дипломатско присуство: Посети на руски или српски деловни, културни, верски или образовни делегации во Скопје или регионални градови со двосмислени или неформални мандати, како и чести посети на локални свештеници, бизнисмени и политичари на Белград, Москва или Будимпешта, што се совпаѓаат со политички или медиумски ескалации.
- Економска инфилтрација: Појава на нови деловни субјекти или офшор компании со нејасна руска сопственост или финансирање, особено во медиумскиот, енергетскиот, градежниот и секторот за недвижности. ЦИВИЛ веќе откри бројни сомнителни деловни потези, вклучително и влезот на српската „Алта банка“ во банкарскиот систем на Северна Македонијами активностите на одредени стопански комори кои моментално се под истрага за можна операција на влијание и нелегални финансиски врски.
- Политички пораки: Локални политички личности или партии кои усвојуваат или засилуваат проруска реторика, често врамена околу суверенитетот, националниот идентитет или историскиот ревизионизам, а честопати испреплетена со националистички антиалбански или антибугарски чувства. Ваквите наративи често се одразуваат со реакционерна антимакедонска реторика од определени етнички албански актери, создавајќи циклус на меѓусебна недоверба и конфронтација заснована на идентитетот. Оваа поларизација им служи на интересите на надворешните актери — пред сè на Русија и Србија — со продлабочување на внатрешните поделби, слабеење на општествената кохезија и одвлекува на вниманието од неуспесите во владеењето, корупциските скандали и евроатлантските обврски на земјата.
- Дезинформациски кампањи: Координирани пропагандни напади поврзани со симболични или политички чувствителни датуми (годишнини на НАТО, самити на ЕУ, државни празници) насочени кон поткопување на институционалната доверба и општествената кохезија.
Хибридната војна напредува во сивите зони на перцепцијата и пасивноста. Раното препознавање на овие сигнали овозможува институционален одговор и граѓанска отпорност — капацитетот на граѓаните, новинарите и едукаторите да ја препознаат манипулацијата пред таа да стане реалност.
Оваа содржина е дел од статијата во рамки на Серијата извештаи за Рано предупредување за хибридна војна на ЦИВИЛ, продуцирани во рамките на проектот „Демократски навигатор“.
БОИШТЕ НА НАРАТИВИ: Руските хибридни операции во Северна Македонија












