Илјадници граѓани денеска, 18 септември, се собраа на плоштадот „Скендербег“ во Приштина на протест против пресудата на Специјализираните совети на Косово во Хаг за четворица поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово. Протестот почна во 12 часот, а косовската полиција соопшти дека заврши во 12:40 часот, мирно и без инциденти, по што учесниците се разотишле.
Собирот беше организиран од Организацијата на воените ветерани на ОВК, два дена по објавувањето на првостепената пресуда против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.
Организаторите и учесниците побараа преиспитување, измена или укинување на Законот за Специјализираните совети, поголема финансиска и правна поддршка за одбраната на осудените, како и ангажирање меѓународни правни експерти. Меѓу барањата беше и разрешување на косовската министерка за правда Доника Гервала.
Пред протестот, косовската полиција распореди дополнителни сили во центарот на Приштина и ги повика учесниците да протестираат мирно, да не носат маски и да не фрлаат предмети. Беше предупредено и на можни привремени ограничувања на сообраќајот на улиците што водат кон централните плоштади.
Специјализираните совети во Хаг на 16 септември ги прогласија четворицата поранешни водачи на ОВК за виновни за воени злосторства, меѓу кои незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства. Тачи и Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Весели на 18, а Селими на 13 години. Судот истовремено ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото, оценувајќи дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение постоење широк или систематски напад врз цивилно население.
По завршувањето на денешниот собир, полицијата соопшти дека не се регистрирани инциденти и им се заблагодари на граѓаните за соработката. Полициските единици останаа на терен и по растурањето на протестот, согласно оперативниот план.
ЦМ Деск












