Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска е во еднодневна посета на Украина, каде што учествува на самитот Карпатска иницијатива, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија. Самитот се одржува во Буковел, во Ивано-Франкивската област, од 18 до 20 септември, како основачки собир на нова регионална иницијатива што ги поврзува земјите од поширокиот карпатски регион, институции на ЕУ, локални заедници, бизниси и инвеститори.
Според организаторите, Carpathian 8 Summit има цел да ја претвори заедничката географија на карпатскиот регион во простор за безбедност, економски развој, инвестиции и прекугранична соработка. Во иницијативата се вклучени осум земји, а програмата ги става во фокус инфраструктурата, енергетиката, регионалното поврзување, инвестициите и обновата.
Посетата на Вучиќ е политички значајна поради специфичната позиција на Србија од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. Белград повеќепати го поддржа суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и гласаше за релевантни резолуции во Обединетите нации, но одби да се приклучи на западните санкции против Русија. Србија во јули најави дополнителна хуманитарна, финансиска, медицинска и енергетска помош за Украина, но не се приклучи на регионалниот повик за поголем притисок врз Москва.
Оваа посета доаѓа во момент кога руските напади врз Украина се интензни, вклучително и нападите врз транспортна, енергетска и логистичка инфраструктура. Полскиот премиер Доналд Туск, кој исто така најави патување во Украина, предупреди дека Русија може да се обиде да изврши „случајни“ хибридни удари со дронови или проектили врз европски држави што ја поддржуваат Украина, со цел да ја ослаби солидарноста во НАТО.
Во тој контекст, присуството на Вучиќ во Украина носи двојна порака: Србија сака да биде дел од регионалните формати за економско и инфраструктурно поврзување со Украина, но нејзината политика на одржување посебни односи со Москва остануваат во сила, за што сведочи, меѓу другото, и одбивањето на Белград да се усогласи со санкцискиот режим на ЕУ. Тоа е илустрација за белградското „балансирање“. Од една страна е поддршката за територијалниот интегритет на Украина, позиција што му одговара на српскиот аргумент за Косово. Од друга страна, Белград се труди да ги зачува односите со Москва и одбива целосно усогласување со санкциската политика на ЕУ.
ЦМ Деск












