Амб. Лариса Дир
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
Запоришката атомска електрана е најголемата електрана во Европа. Од 4 март 2022 година, Запоришката АЕЦ се наоѓа под привремена окупација на руските вооружени сили. Државата-агресор фактички ја претвори окупираната Запоришка АЕЦ во воена база.
На територијата на Запоришката АЕЦ, каде што се наоѓаат шест нуклеарни реактори, руските окупатори распоредија воена техника во одделни машински сали на енергетските блокови; во подрумските простории русите уредија складишта за оружје.
Ова е спротивно на ставот што Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) повеќепати го потврди, според кој украинските нуклеарни објекти треба да се експлоатираат безбедно и сигурно под целосна суверена контрола на Украина.


На 70-тата Генерална конференција во Виена, МААЕ ги повика државите членки да бараат повлекување на Русија од Запоришката АЕЦ и да воведат санкции против „Росатом“.
Основната причина за сите ризици во Запоришката АЕЦ е токму руската воена окупација. Додека се наоѓа под контрола на окупациските сили, нејзината поврзаност со надворешното електроснабдување останува ранлива, а техничкото одржување е ограничено.


Заканите за Запоришката АЕЦ ги зголемува употребата на беспилотни летала од страна на Руската Федерација. Покрај тоа, токму руски дронови ги нападнаа објектите во Чорнобилската зона.
Русија, исто така, ја злоупотребува Единствената система за размена на информации за инциденти и вонредни состојби (Unified System for Information Exchange in Incidents and Emergencies — USIE) на МААЕ. USIE е технички канал за брза размена на оперативни информации, а не механизам за утврдување на фактите или одговорноста. Самиот факт дека Русија шири информација преку USIE не ја потврдува нејзината содржина и не ѝ дава на Русија законски овластувања во однос на украинскиот нуклеарен објект.


Заземањето и милитаризацијата на Запоришката АЕЦ, исто така, треба да се разгледуваат во поширокиот контекст на меѓународните напори насочени кон спречување на нуклеарниот тероризам и користењето на нуклеарните ризици како инструмент за принуда. Дозволувањето на државата-окупатор да го користи ризикот од несреќа како оружје и да користи непроверени обвинувања за прикривање на одговорноста би создало опасен преседан за секоја држава што експлоатира нуклеарни објекти. Последиците од тоа би ги надминале границите на Украина, поткопувајќи ја довербата во глобалниот систем за нуклеарна безбедност и заштита и неговата ефикасност.


Дали ќе дојде до легитимирање на руската вооружена контрола врз украинската атомска електрана зависи од реакцијата на државите членки на МААЕ, која треба да придонесува за мирното користење на нуклеарната енергија и да го спречува нејзиното користење за какви било воени цели.
Истовремено, добар знак и важен сигнал за меѓународната реакција на дејствијата на Русија се резултатите од гласањето на 15 септември на 70-тата сесија на Генералната конференција на МААЕ. Оваа година државата-агресор Русија не беше избрана во составот на Генералниот комитет на Конференцијата.
Овој резултат сведочи дека доследната меѓународна координација може ефикасно да им се спротивстави на обидите на Русија да го зајакне своето влијание во меѓународните нуклеарни институции и да создаде услови за зајакнување на меѓународниот притисок со цел прекинување на окупацијата и милитаризацијата на Запоришката АЕЦ и нејзино враќање под целосна контрола на Украина.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Текстот е објавен под лиценцата Creative Commons Attribution 4.0 International – CC BY 4.0. Дозволено е преземање и објавување со задолжителна атрибуција, наведување на изворот и активен линк до оригиналната објава.












