Рускиот агресор продолжи со нападите врз цивилниот транспорт во Украина, со нови напади врз автобуси, возови и железничка инфраструктура. На 16 септември, руски дрон погоди патнички автобус во Никополскиот реон, во Днипропетровската област, при што загинаа пет лица, а најмалку седум се повредени, според украинските власти и меѓународните агенции.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X оцени дека Русија систематски го таргетира јавниот превоз во Украина.
„рф систематски го таргетира јавниот превоз, ги гранатира 🇺🇦 железнички и автобуски станици. Утрово изврши напад врз патничкиот воз Кијив–Миколајив. Во Никополскиот реон руски дрон погоди автобус, при што загинаа најмалку 5 лица. Ова е свесен терор. #RussiaIsATerroristState“, напиша Дир.
рф систематски го таргетира јавниот превоз, ги гранатира 🇺🇦 железнички и автобуски станици. Утрово изврши напад врз патничкиот воз Киjив–Миколајив. Во Никополскиот реон руски дрон погоди автобус, при што загинаа најмалку 5 лица. Ова е свесен терор. #RussiaIsATerroristState pic.twitter.com/1D1zr37Pit
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 16, 2026
Во нападот врз автобусот во близина на Никопол загинале четворица мажи и една жена. Истовремено, во руски напад е погоден и патнички воз во Миколајивската област, при што 168 патници и членови на екипажот биле навреме евакуирани и нема пријавени жртви.
Истиот ден, агресорот таргетира и воз во Миколајив, како и локомотива во Ковељ, продолжувајќи го теророт со напади врз украинската железничка инфраструктура. Според министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, од почетокот на целосната инвазија се оштетени или уништени повеќе од 500 локомотиви, а повеќе од половината од нив во текот на 2026 година.
Сибиха порача дека нападите врз патничкиот автобус во Никополскиот реон и врз возот Кијив–Миколајив имаат иста логика: Русија ги таргетира патничките возови, локомотивите, станиците и железничките линии, знаејќи колку се важни за цивилното население, евакуацијата и економијата на Украина. Тој повика на засилен притисок врз Москва, нови санкции против руските приходи, технологии, производство и синџири за снабдување.
Претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот врз автобусот како неоправдан напад врз цивили и повика САД и Европа да го засилат санкцискиот притисок врз Русија.
Во текот на ноќта кон 16 септември, агресорот ја нападна Украина со 80 дронови, од кои украинската противвоздушна одбрана соборила или неутрализирала 63. Погодоци се регистрирани на седум локации, што покажува дека воздушната кампања продолжува и покрај високата стапка на пресретнување.
Посебно загрижувачка останува употребата на реактивни „Шахеди“, кои летаат со брзини над 400 километри на час и се потешки за пресретнување од претходните модели. Украина тестира нови домашни средства за пресретнување на вакви дронови, но украинските власти предупредуваат дека се потребни повеќе системи за ПВО, пресретнувачи и технолошки решенија за заштита на градовите и инфраструктурата.
На фронтот, нема потврдена голема оперативна промена, но борбите остануваат интензивни во Донецката област, каде што Русија продолжува да врши притисок кон клучни градови како Костјантинивка, како дел од пошироката цел за контрола врз Донбас.
Најновите напади повторно ја покажуваат суштината на руската агресија – терор против цивилното население и инфраструктура. А кога се напаѓаат патнички автобуси, возови, локомотиви, станици и транспортни рути, целта не е само инфраструктурата, туку секојдневниот живот на цивилите. Во земја каде што цивилната авијација е запрена од почетокот на целосната инвазија, железницата и автобускиот превоз се животно важни за движење, евакуација, работа, снабдување и опстанок.
Џ. Д.












