• Latest
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Лудост или заебавање

September 20, 2026

Оружје, принуда и заплашување – составни делови на рускиот изборен процес

September 19, 2026
Ова е Хан Соло Џуниор (илустрација: ChatGPT/OpenAI - FRONTLINE.MK)

„Куршлус“ на FRONTLINE: Сатира за времиња во кои реалноста ја надминува шегата

September 19, 2026
Христијан Мицкоски,   Вашингтон, 19 септември 2026 (фото извор: ФБ профил на Христијан Мицкоски)

Мицкоски од Вашингтон: Повторно големи инвестициски планови и проекти, прашањето за бугарската заедница останува без решение

September 19, 2026
Гласачко место на руските парламентарни избори, септември 2026 (фото извор: KYIV POST)

Избори на по теркот на Путин: Забранета опозиција, притисоци врз гласачи и сомнително електронско гласање

September 19, 2026
Приштина, 18 септември 2026 (фото: LIRIA KA EMËR)

Илјадници протестираа во Приштина против пресудата за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово

September 18, 2026
Фото: Скриншот од видео на European Commission/ Фејсбук

Фон дер Лајен на турнеја низ Западен Балкан: Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје сега, а Белград и Сараево по изборите

September 18, 2026

Србија протера истражувач за слобода на медиумите: Меѓународните организации алармираат

September 18, 2026

СВЕТОТ ДЕНЕСКА: Ескалација на Блискиот Исток, жестоки битки во Украина и климатски катастрофи во Европа

September 18, 2026
Марко Маневски (фото извор: Марколепсија, блог на авторот)

Единаесеттиот човек

September 18, 2026
Александар Вучиќ (фото: www.predsednik.rs)

Вучиќ во Украина на самитот Карпатска иницијатива: Белград меѓу поддршката за територијалниот интегритет на Украина и одбивањето санкции против Русија

September 18, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Лудост или заебавање

Или: што тоа Мицкоски им прави на македонските граѓани

September 20, 2026 09:07
in ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

Оливер Андонов

Не драги мои, не сум вулгарен. Всушност заврши времето на мајтапење, кога Мицкоски се мајтапеше со нацијата. Тогаш нѐ тестираше, до каде може да оди, а кога виде дека немаме лимит на прагот на толеранција, го тргна и неговиот лимит, па ја дотеравме работата до лудачко заебавање. Сега е време на лудост и безобразно директно заебавање на македонските граѓани. Во право беше една моја колешка – универзитетски професор, која кога во една моја неодамнешна колумна сугерирав постапките на Мицкоски да ги третираме како постапки на дете со попреченост, ме предупреди дека тоа не е така и да не се залажуваме. Односно, дека суштеството е базично насилник, суетен, фрустриран и автократ. Колешката е потполно во право.

Замислете, главна вест, цела недела, пред „епохалната“ посета на САД, дури и на националната телевизија (МТВ), во интервју на професор, доктор, премиер Мицкоски е Фејсбук заканата упатена од едикојси до него. Ами ајде што во револт или други лични соображенија, луѓето без многу размислување си дозволуваат да пишуваат секакви идиотски работи на социјалните мрежи, од омаловажување преку лични навреди до пцуење, а кои премиерот Мицкоски би ги нарекол „талог“, туку и самиот Мицкоски јавно повикува на насилство, или што би се рекло – талог врз талог. Во таква состојба од позиција премиер да кажеш дека, ти, поради тоа што си премиер („да не сум јас институција премиер, знам како се решаваат тие работи“) не можеш да го решиш прашањето на ФБ, заканата со лична пресметка – насилство, е тоа е веќе лудост. Покрај тоа што нѐ заебава, Мицкоски нѐ внесува и во лудоста на насилството, јавно укажувајќи ни дека институциите не се важни – единствено кога тој е институцијата, (ненадлежна за судско-обвинителски постапки, но според него надлежна за тепање), и дека е пожелно самите да си ги решаваме споровите, личните навреди и закани, по можност со насилство, односно според неговата алузија дека знае како треба. Овој пример на ФБ закана врз Мицкоски и неговото експресно решавање – институционално, од страна на обвинителството и судијата во претходна постапка, ни откри дека однесувањето на обвинителството и судството во споредба со други постапки станува многу очигледно независно – ептен независно.

Е па сега Мицкоски: „Судството – обвинителството, работи или не работи, и под чија контрола е“?

Ова прашање е посебно интересно во контекст дека во последниве неколку месеци, а не се знае и до кога, масовно не се постапува по судски предмети и истите не се решаваат, посебно оние кои се однесуваат на тужби против државата за нарушени разни законски права од работни односи, најчесто исплати кои не се извршени а биле законска обврска на државата, па сѐ до притворски предмети за кои „не е времето“ да се решаваат. Но за закана врз професор, доктор, премиер Мицкоски се реагира молскавично и судството и обвинителството проработуваат. Ами премиер е во прашање – институција џанум.

Сега би го прашал и Филип Петровски: „Како изгледа кога Мицкоски ЗНАЕ (ете од каде е ЗНАМ, затоа што и Мицкоски знае) како се решаваат работите со политичките противници и личните замерки, секако кога не си институција“? Голема е тоа храброст доколку смее, да предизвика некого на двобој, или ќе испрати тепачи наоружани со палки, или можеби полицајци со маски?

Со оваа порака на Мицкоски и со инструментот на репресија со кој институцијата располага, исправени сме пред многу прашања кои се во областа на лудилото или заебанцијата, но несомнено се насочени кон нарушување на основните човекови права и слободи.

Лудило се создава и во однос на патувањето и престојот на професор, доктор, премиер Мицкоски во Вашингтон и средбите на „ултра високо ниво“, како и на Генералното собрание на ООН во Њујорк, а таму пак „супер ултра високото ниво“ на средби.

Очигледно дека Мицкоски нѐ заебава, бидејќи и од приложеното се потврди тоа што го знаевме, дека немаше потреба да оди во Вашингтон и како премиер на Македонија да се сретне со претставници на Конгресот, веројатно како приватни посети, а според дипломатскиот ред и протокол, а посебно со оглед на неговото претставување на состојбите во односите со Трамп и „ултра-високото ниво“, посетата требаше да биде официјална и барем средба со Венс. Едноставно е да се разбере, затоа што нивото на кое треба да оствари средби еден премиер, па нека е тоа и Мицкоски е јасна, сѐ друго е гол и вулгарен, па дури и навредувачки ПР за Македонија. Но ние сме подложени на лудилото со ПР и обидот да се претстави патувањето на Мицкоски во Вашингтон (без официјална покана, како службена посета) како врвен успех на неговата надворешнополитичка активност.

Јасно е дека средбите во Вашингтон се врз приватна основа, затоа што не се работи за официјална државна посета. Затоа и нема да добиеме никаква информација за трошоците, целите и постигнатите резултати од „епохалната“ посета на Мицкоски. Оттука, очекувам да видиме и слушаме за епохалните и историски средби на Мицкоски со Крис Павловски. Сето тоа на државен, наш буџет, како што е плаќањето на приватните прошетки и журки на Мицкоски за правење на приватни бизнис зделки. Да не е во прашање лудило и заебавање на македонските граѓани, Мицкоски во улога на премиер на Македонија ќе си отидеше два дена во Њујорк на Генералното заседание на ООН, а нашата обезглавена мисија во ООН безбели ќе му договореше обраќање пред Генералното собрание и неколку билатерални средби на исто ниво.

Но, што кажуваат оваа лудило и заебанција? Дека очигледно САД го имаат ставено Мицкоски на магарешка клупа. По самитот на НАТО, и кај САД сме на магарешка клупа, а кај ЕУ веќе одамна сме замрзнати со јасни пораки што треба да направиме за да нѐ одмрзнат.

Со вака поставени позиции во односите со актуелната американска администрација, јасната позиција на ЕУ кон Македонија и нејзиното зближување со Канада (како заедничка желба – можност за придружно членство во ЕУ), а што наведува на јасен заклучок дека и Обединетото Кралство ќе се врати во ЕУ, како и заканите на Трамп кон Канада и ЕУ, Мицкоски се обидува да се додвори на администрацијата на Трамп и тоа преку едно бледо, нарачано, дури и антиевропско интервју кое го даде за Атлантскиот совет на САД. Пу, јаз’к, што не го зема со себе Џугуманов (претседателот на Атлантскиот совет на Македонија), па Иле уште неколку пати да му организираше интервју за нашиот Атлантски совет за успешен ПР. Замислете да требаше Мицкоски да биде интервјуиран од Руслан Трад (кој е исто така е член на Атлантскиот совет на САД) какви прашања ќе му беа поставени. Верувам дека прашањата немаше да бидат за Крстов Дол и рудникот на антимон, како ниту за дата центрите. А неурозата искажана со постојаното тресење на левата нога и збрчканите чорапи (веројатно му се поголеми за едно два броја) ќе беа по изразени со неуротично тресење на двете нозе и паѓање на гаќите и чорапите под глуждови.

Дали тоа значи дека лудилото и заебавањето со Македонија од страна на Мицкоски ќе се развие до степен што кога Трамп нема да биде претседател, тој ќе го смени политичко – економскиот курс на државата кон други „стратешки“ партнери, некаде на Исток? Сѐ е можно, кога е во прашање Мицкоски. Еве, дури од Вашингтон излезе со „нова“ идеја за внесување на Бугарите во Устав. Навистина нова и генијална идеја: „да направиме уставни измени сега, а истите да важат – да ги внесеме Бугарите откако ќе ги завршиме преговорите за членство во ЕУ“. Каква новост. Дали тоа само јас мислам дека ова веќе го имаме слушнато? Човекот навистина нѐ заебава, нѐ врти во круг и ни сугерира дека сме глупи што му веруваме.

Ова лудило и заебавање на Мицкоски со државата, скапо ќе нѐ чини со некоја нова американска администрација. А убаво му кажавме на Мицкоски уште на почетокот на неговиот мандат – она кога се буткаше во периметарот на Трамп – дека државите имаат меѓусебни државни односи, и не се врзуваат за поединци на власт. Очигледно дека институцијата тоа не го разбра ниту по падот на Орбан во Унгарија. Односите со САД се уште пострашни во тој контекст. Трамп дури и не знае дека Мицкоски постои. Доколку знаеше дека постои, можеби Мицкоски ќе имаше можност да понуди на Трамп или Венс, Македонија да биде придружна членка на САД (како 51-ва држава), па така барем ќе учествуваше во големата геополитичка игра, Канада во ЕУ – Македонија во САД. Кога веќе не оди со Гренланд, ајде да пробаме со Македонија, а и името така ќе си го вратиме, дури и Грците нема да се бунат, нема да смеат од Трамп. Интересна размисла за геополитичка забава и мозочна еквилибристика.

Се надевам дека освен нудењето на рудник за антимон и за не знам уште што, или распродавањето на природните ресурси на Македонија и дата центри, нема да му текне на Мицкоски да направи некоја колосална глупост во обид, на пример како понуда да помага во претстојните избори за Конгрес. Ова само како предупредување на можноста за поголема лудост и заебанција од која доколку нѐ внесе во истата, нема да можеме да излеземе како држава и тоа со сериозни долгорочни последици.

Со оглед на тоа дека сме во периметарот на администрацијата на Трамп и тоа на ултра високо ниво, добро што се сретна со Конгресмени и директор на национална агенција. А да не беа и тие средби, немаше со кого да се слика? Сосема доволно ниво за ултра високиот Мицкоски (од приближно 2 метри), кој заборави да праша зошто САД ја укинаа воената помош за Македонија. Ама, знам, некои прашања не заслужуваат одговор – некој водеше и таква кампања, анти-референдумска. Што да прави, ви кажав во минатата колумна, такви му се учителите на Мицкоски, и не може повеќе.

Сега ќе има слободен викенд за да пополни време на екскурзијата – ами и да одмори малку од ултра високите средби. Потоа, Мицкоски „на маргините“ може да се сретне со бизнис партнерите, но тоа нема да биде баш за јавност, како и со нашата дијаспора (ако има некој што ќе сака да го види) што ќе се претстави за врвен патриотски чин, а може ќе падне и некоја убава вечера во црковна општина и секако надополнета со патриотско оро. А во неделата која претстои, поточно од 22-ри ќе видиме многу сликички и ФБ активности на Генералното собрание на ООН и ултра високите средби во зградата на ООН.

Токму како резултат на ултра високите средби, по враќањето од САД, Мицкоски ќе биде многу свесен за неговата лична политичка состојба (за состојбата на Македонија не му е грижа), и очекувам засилен ПР и други активности за кои сега не би пишувал. Но крајниот заклучок од оваа екскурзија на Мицкоски во САД, пред сѐ во Вашингтон, а затскриена зад учество на Генералното собрание на ООН, уште сега може да го дадеме како скапа прошетка на сметка на македонските граѓани без конкретни резултати и полза за Македонија. Впрочем веќе имаме искуство со ваквите посети во периметарот и силните идни бизнис зделки и вложувања од САД кои никогаш не ги видовме. Да ве потсетам дека по периметарската посета на почетокот на 2025 добивме 66,6% царини и ветување дека за шест месеци ќе започнат големи вложувања на САД во Македонија.

Во меѓувреме додека Мицкоски лудува и нѐ заебава по САД, овде нѐ заебаваат неговите министри. Главните самоперципирани претенденти на позицијата на Мицкоски, се пуштиле на терен во увид на градежни работи. Сите некако увиѓајни станале, ами и експерти по градежништво.

Николоски – како политиколог, ни објаснува за врвното, уникатно во регионот инженериски решенија за стабилизирање на свлечиштата на автопатот Кичево – Охрид. Како ние да сме паднати од Марс. Како македонските граѓани да не патуваат барем до Ниш (220 км од Скопје) и да немаат поминато по автопатот низ Грделица каде што се применети современи технологии за стабилизирање на свлечиштата и изградени галерии. Сега ние треба да паднеме во несвест што по 12 години изградба на оваа делница на автопат се применуваат „современи“ инженериски решенија во градежништвото. Аман бе, до толку нѐ сметате за глупа маса со која може да се заебавате и сешто да ѝ раскажувате? По сѐ изгледа, ДА!

Мисајловски пак, отишол на увид во објектот на директоратот за безбедност и разузнавање и текот на работите во неговото реновирање. Повторно ПР заебавање за неупатените. Ами, објектот се изгради пред 15-тина години како нов, потоа Шекеринска почна да прави внатрешни преуредувања, наводно поради побарувањата на НАТО и не ги заврши, за да ги сопре (од не знам какви причини) Петровска, и сега по повеќе од 4 години стагнација, се укажала добра ПР можност за Мисајловски, преку довршување на започнатото да ни покаже колку тоа многу работи и реновира. Тоа се вика „лет во место“, лудило и заебанција врз граѓаните.

Така, драги мои, изминатата недела имавме можност колективно како нација да бидеме предмет на заебанција од страна на Мицкоски и дел од неговата влада, но и сведоци за лудилото кое го зафаќа Мицкоски (во однос на политичките активности, однесување и изјави), а кое по сѐ изгледа е заразно и се пренесува врз членови на неговата влада.

Додека Европа се подготвува за соодветни безбедносни и војни одговори кон провокациите од Русија, односно се зацврстува европското НАТО, и ставање на stand by на односите со Трамп, а касапот од Кремљ си прави тродневна журка, наречена избори во Русија, по што ќе има сериозни поместувања, ние уживаме во лудоста на Мицкоски и неговото заебавање со македонската нација. Ние сме замаени, како сите да чекаме кој ќе го изгасне светлото во државата и ќе прогласи фајронт.

 


Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Дозволено е преземање со атрибуција и линк.


Независното новинарство, слободниот говор и граѓанското општество се брана против лагите, пропагандата и злоупотребата на моќта.

Поддржете го ЦИВИЛ и помогнете ни да продолжиме независно, истрајно и во интерес на јавноста.

ПОДДРЖЕТЕ НÈ СЕГА

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ