Унгарија објави дека ќе покрене правна постапка против одлуката на Европската унија за постепено укинување на увозот на руски природен гас, со цел да се намали зависноста на Европа од руска енергија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека ЕУ влегува во „нова ера“ на енергетска независност, со постепено укинување на руските фосилни горива. Новата регулатива предвидува забрана за увоз на течен природен гас (LNG) до крајот на 2026 година, додека увозот на гас преку цевководи ќе биде постепено укинат до есента 2027 година.
„Ова е почеток на нова ера: ера на целосна енергетска независност на Европа од Русија“, рече фон дер Лајен. Таа додаде дека со намалувањето на увозот на руски фосилни горива, приходите што Русија ги користи за војната во Украина се намалени од 12 милијарди евра месечно на 1,5 милијарди евра месечно, со цел тие да се сведат на нула.
Одлуката предизвика остри реакции од Унгарија, која е силно зависна од руски гас и нема излез на море. Министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека прифаќањето и спроведувањето на оваа регулатива е „невозможно“ за Унгарија и најави дека земјата ќе ја оспори одлуката пред Судот на правдата на ЕУ веднаш по формалното усвојување на планот RePowerEU. Според него, одлуката претставува санкција против Русија, а не мерка на трговската политика.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој редовно ја критикува Европската унија за „тврд став“ кон Русија, истакна дека руските енергетски ресурси се „витални“ за Унгарија, пишува РСЕ.












