Украина би можела да биде подготвена да одржи избори за време на целосна војна на Русија доколку американските и европските партнери помогнат во обезбедувањето на безбедноста, изјави претседателот Володимир Зеленски пред новинарите на 9 декември, пренесува Кијив Индипендент.
Изјавата на Зеленски следи по неодамнешните забелешки на американскиот претседател Доналд Трамп за изборите во Украина. Кога беше запрашан, Трамп рече во интервју за Политико, емитувано на 9 декември, дека „време е“ Украина да одржи избори.
Според украинскиот претседател, таков потег зависи од безбедноста, бидејќи Русија продолжува редовно да ја напаѓа земјата, како и од можноста на војниците да гласаат и од законодавните прашања.
„Сега барам, и го кажувам ова отворено, од САД да ми помогнат. Заедно со нашите европски партнери, можеме да ја обезбедиме безбедноста потребна за одржување избори. Доколку тоа се случи, Украина ќе биде подготвена да спроведе избори во следните 60 до 90 дена“, рече Зеленски, додавајќи дека не разговарал за ова прашање со Вашингтон.
„Јас лично имам волја и подготвеност за ова.“
Коментарите на Зеленски означуваат нова промена во ставот на Кијив. Првично, украинските претставници рекоа дека изборите ќе се одржат дури по завршувањето на војната, но Зеленски подоцна рече дека ќе разгледа таква одлука доколку се воспостави прекин на огнот.
Тој сега ги повика пратениците да изготват законски предлози што би овозможиле измени во изборниот закон за време на воена состојба.
„Чекам предлози од нашите партнери, очекувам сугестии од нашите пратеници и сум подготвен да одам на избори“, рече Зеленски.
Украина требаше да одржи претседателски избори во март или април 2024 година, со што ќе заврши првиот петгодишен мандат на Зеленски.
Според воената состојба што ја донесе Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, претседателските, парламентарните и локалните избори се забранети. Изборите можат да се одржат само откако ќе се укине воената состојба.
Зеленски, кој ја извршува функцијата од мај 2019 година, овој септември изјави дека е отворен да не се кандидира за реизбор по завршувањето на војната.
Само 22% од Украинците поддржуваат избори по прекин на огнот со безбедносни гаранции, додека 63% веруваат дека изборите треба да се одржат по завршувањето на војната, според неодамнешното истражување на Меѓународниот институт за социологија во Кијив.
Темата за изборите повторно ја покренаа САД, бидејќи Вашингтон врши притисок врз Киев да преговара за мировен план за завршување на војната. Клучните разговори се водат во услови на политички турбулентен момент за Зеленски, по најголемиот корупциски скандал во неговото претседателствување.
Според анкетата на Инфо Сапиенс спроведена оваа есен по корупцискиот скандал, само 20,3% од Украинците би гласале за Зеленски на идните претседателски избори. Сепак, тој останува најпопуларниот кандидат, малку пред Валериј Залужни, амбасадор на Украина во Велика Британија и поранешен врховен командант.
М. Д.












