На денешната прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ, заедно со Антикорупцискиот тим на СДСМ, АКТ, ја претставија новата дигитална платформа за борба против корупцијата и криминалот, наречена Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал, скратено МИЦКО. Платформата е посветена на истражување и архивирање на јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија. Целта е да се обезбеди транспарентност и информираност на јавноста, за граѓаните, новинарите, експертите и невладините организации.
„Ние ги собираме, анализираме и организираме сите информации од различни извори, за да им обезбедиме на граѓаните лесен пристап до информации и да ја зголемиме транспарентноста во работењето на институциите“, истакна Димитријевиќ.
Платформата овозможува длабинско истражување на тендери, медиумски објави и сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, како и во локалните и државните институции. Сите податоци се архивираат и креираат регистри на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, што овозможува лесно пребарување и проверка на информациите.
„На платформата веќе се објавени досегашните бомби на АКТ. Случајот со фирма со двајца вработени, основана лани, која добила тендери во вредност од девет милиони евра, случајот со фирма која добила 161 тендер вреден пет и пол милиони евра, како и скандалот со преземањето на Алта Банка, со сомнителен капитал кој НБРМ го дозволила под сомнителни околности“, посочи Димитријевиќ.
Од денеска платформата е целосно оперативна и на располагање на јавноста. Сите граѓани, невладини организации, истражувачи и медиуми се повикани да се приклучат и да придонесат во борбата против корупцијата. Платформата овозможува граѓаните директно да пријават корупција и криминал, а секој може да го направи тоа анонимно или со име, прикачувајќи документи и информации.
„Почитувани граѓани, пријавувајте! Ние сме вашиот глас. Заедно се бориме против корупцијата и криминалот. Сите ќе одговараат, од прв до последен. Ова е заедничка борба за државата и за правдата. Работата не е завршена“, заклучи Димитријевиќ.











































