Полски авиони пресретнаа руски извидувачки авион над Балтичкото Море, кој летал близу до нивниот воздушен простор, соопшти во четврток армијата на земјата-членка на НАТО, објави Ројтерс.
Земјите на источното крило на НАТО се во состојба на зголемена готовност за потенцијални упади во воздушниот простор од септември, кога три руски воени авиони го нарушија воздушниот простор на Естонија 12 минути само неколку дена откако повеќе од 20 руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор.
„Утрово, над меѓународните води на Балтичкото Море, полски борбени авиони пресретнаа, визуелно идентификуваа и испратија од нивната зона на одговорност руски извидувачки авион кој леташе во близина на границите на полскиот воздушен простор“, соопшти армијата, објави Ројтерс.
Исто така, се наведува дека ноќе биле забележани објекти кои влегувале во полскиот воздушен простор од правец на Белорусија.
„По детална анализа, беше утврдено дека најверојатно станува збор за шверцувани балони, кои се движеле во согласност со насоката и брзината на ветерот“, соопшти армијата.
Од таму додаваат дека дел од воздушниот простор над регионот Подлаские во североисточна Полска, кој граничи со Белорусија, е привремено затворен за цивилен сообраќај за да се обезбеди безбедност.
Д. Т.












