Турските власти велат дека спречиле планирани напади за божиќните и новогодишните настани откако привеле повеќе од 100 осомничени членови на таканаречената Исламска држава, пренесува Би-би-си.
Масовни рации беа спроведени на 124 адреси низ Истанбул, изјави главниот обвинител на градот, при што беа запленети огнено оружје, муниција и „организациски документи“.
Службениците изјавија дека поддржувачите на ИД активно планирале напади низ цела Турција оваа недела, особено против немуслимани.
Полицијата приведе 115 осомничени, но напорите се во тек за пронаоѓање на уште 22, се вели во официјалното соопштение.
Обвинителството соопшти дека осомничените биле во контакт со оперативци на ИД надвор од Турција.
Објавата доаѓа два дена откако турските разузнавачки агенти извршија рација против групата на границата меѓу Авганистан и Пакистан.
Турски државјанин за кој се тврди дека имал висока улога во крилото на ИД кое работи во регионот беше приведен и обвинет за планирање напади врз цивили. Турските безбедносни служби редовно ги таргетираат луѓето со сомнителни врски со ИД.
М. Д.












