АНА СНЕЖАНА ЈАШАРОВСКА
Јас сум Ромка и се гордеам со тоа што сум. Тоа е мојата крв, мојата приказна и мојата вистина.
Но исто така, јас сум родена во Македонија и никогаш, никој нема право да ми каже дека таа не е моја земја. Македонија е мојата земја. Таму сум родена, таму ги направив моите први чекори, таму го изговорив мојот прв збор, таму научив што значи да сакаш, да се бориш и да бидеш силен.
Многу пати некои сиромашни души, полни со омраза и празни одвнатре, ќе напишат коментар „ти си Ромка, Македонија не е твоја земја Но тие зборови не ја менуваат вистината. Вистината е дека јас имам идентитет. Јас имам име и презиме. Јас имам документ. Јас имам државјанство. И во тој документ јасно стои Македонија. Тоа не е мислење. Тоа е факт.
Јас никогаш не сум се чувствувала како да немам земја. Никогаш не сум била без корен. Моите корени се таму. Моето детство е таму. Моите спомени се таму. Македонија не е само место на картата, Македонија е дел од мене. Таа е во моето срце, во мојата душа и во мојот идентитет.
Можеби сум Ромка, но тоа не ме прави помалку вредна, не ме прави помалку човек и не ме прави помалку Македонка. Јас не барам дозвола од никого за да постојам. Јас не барам прифаќање од оние што не знаат што значи достоинство. Јас знам која сум. Јас знам од каде доаѓам. И стојам исправено со гордост.
Македонија е мојата земја. Тоа е мојот почеток. Тоа е мојот дом. И никој нема право да ми го одземе тоа.
Авторката е претседателка на Амаро Дром, активистка и инфлуенсерка











































