Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да поведе постапка за исклучување на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, по неговите јавни настапи во кои побара оставка од партиското раководство.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес -конференција изјави дека одлуката е донесена едногласно и дека не станува збор за различно мислење, туку за, како што рече, „процесно одработување“ за ВМРО-ДПМНЕ и обид за внатрешна поделба на партијата.
„Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ преку поединци да ја дели СДСМ“, изјави Филипче, додавајќи дека единството е клучно во борбата против, како што ја нарече, корумпираната власт.
„После сите наши проверки на информации стигнавме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус, никој не гласаше против“, рече Филипче.
Од СДСМ соопштија дека јавните настапи на Шилегов се спротивни на статутот и му штетат на угледот на партијата. Воедно, изнесоа обвинувања за негова поврзаност со опозициски структури и бизнис интереси во енергетскиот сектор.
Од друга страна, Петре Шилегов најави дека ќе објави информации кои, според него, сериозно ќе го компромитираат раководството на СДСМ. Во јавен настап, тој зборуваше за сомнежи за корупција и употреба на недозволени супстанци од страна на високи функционери.
Конфликтот се интензивираше откако Шилегов обелодени дека група членови подготвуваат платформа за реформи во партијата, која вклучува барање за оставка на раководството и промени во начинот на одлучување. Овој потег од партијата беше оценет како фракционерско дејствување.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски оцени дека СДСМ не успеала да го канализира опозициското расположение кај граѓаните, посочувајќи дека се потребни промени во стратегијата или кадровски решенија.
Развојот на настаните укажува на продлабочување на внатрепартиските поделби во СДСМ, во период кога партијата се соочува со пад на довербата и политички предизвици на домашната сцена.
Б. Ј.












