Со длабока тага го испраќаме нашиот драг колега и соработник, Рамуш Муарем – Цирко, кој почина на 4 мај. Неговите ставови и заложби ќе останат вградени во работата на ЦИВИЛ – Центар за слобода, како значаен придонес кон јакнењето на јавната свест за човековите права и слободи, унапредувањето на односите меѓу етничките заедници, како и изборниот интегритет и право на глас.
Тој не беше само новинар, туку и „гласот на разумот“ кој преку хуморот успеваше да ги отвори и најтешките теми за човековите права и меѓуетничките односи. Неговата соработка со ЦИВИЛ само го потврдува неговиот интегритет и желбата за праведно општество во кое гласот на секој поединец, без разлика на етничката припадност, ќе биде слушнат.
Тој беше сестрана личност, успешен и како новинар, уредник и публицист и како актер. Воедно, тој неуморно се залагаше за човековите права и за зближување на етничките заедници, и посветено се бореше против предрасудите и дискриминацијата, како на ромската, така и на сите други заедници.
Цирко остава зад себе празнина која тешко ќе се пополни, но и богатство од архиви и спомени кои ќе служат како патоказ за идните генерации новинари и активисти.
ЦИВИЛ – Центар за слобода изразува длабоко сочувство до семејството и блиските на нашиот непрежален Рамуш Муарем – Цирко.
ЦИВИЛ – Центар за слобода












