КИЈИВ, 14 мај 2026 – Русија ја продолжи масовната воздушна офанзива врз Украина и во текот на ноќта кон 14 мај, лансирајќи стотици дронови, балистички и крстосувачки ракети врз Кијив и други украински градови. Според украинските воздухопловни сили, Русија во нападот употребила „Кинжал“ аеробалистички ракети, балистички ракети „Искандер-М“/С-400, крстосувачки ракети Х-101 и 675 дронови, а Кијив бил главната цел на нападот. До 8 часот наутро, украинската одбрана соборила или електронски неутрализирала 693 воздушни цели, меѓу кои 41 ракета и 652 дронови.
И покрај високата стапка на пресретнување, украинските власти регистрираат погодоци од 15 ракети и 23 ударни дронови на 24 локации, како и пад на остатоци од соборени летала на уште 18 локации. Украинските воздухопловни сили предупредија дека нападот продолжува и по првичниот утрински биланс, со нови групи ударни дронови што навлегле во украинскиот воздушен простор.
Во Кијив, според локалните власти и меѓународните агенции, загина најмалку едно лице, а 33 се повредени. Нападот оштети станбени згради и цивилна инфраструктура во повеќе делови од главниот град. Во Дарницкиот реон, повеќекатна станбена зграда делумно се урна, а спасувачите извлекувале луѓе од урнатините. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека биле уништени 18 станови и дека на левиот брег на Кијив имало проблеми со водоснабдувањето како последица на нападот.
Украинската премиерка Јулија Свириденко изјави дека биле погодени цивилна инфраструктура и станбени објекти во повеќе градови, а освен Кијив, цел на нападите биле и Кременчук, Била Церква, Харкив, Суми и Одеса. Нападот уследи само неколку часа по претходниот масовен дневен напад со околу 800 дронови врз околу 20 украински региони, во кој, според украинските власти, загинаа најмалку шест лица.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X напиша:
„Ноќеска руските нечовечници лансираа кон Украина стотици дронови, балистички и крстосувачки ракети. Во Кијив се уништени цели квартови со станбени згради, има загинати и повредени цивили. Спасувачките операции сè уште траат.
Руски убијци.“
Ноќеска руските нечовечници лансираа кон Украина стотици дронови, балистички и крстосувачки ракети. Во Кијив се уништени цели квартови со станбени згради, има загинати и повредени цивили. Спасувачките операции сè уште траат.
Руски убијци. pic.twitter.com/QhXaLN3uHh— Larysa Dir (@dir_larysa) May 14, 2026
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека употребата на балистички и крстосувачки ракети, заедно со масовните бранови дронови, покажува дека Москва не дејствува како страна што сака крај на војната. Тој ги повика партнерите да не молчат и да продолжат со зајакнување на украинската противвоздушна одбрана.
Министерот за надворешни работи Андриј Сибига го поврза моментот на нападот со дипломатските активности во Пекинг, каде што светските лидери разговараа за мир, предвидливост и соработка.
Right at the time when the leaders of the most powerful countries meet in Beijing and the world hopes for peace, predictability, and cooperation, Putin launched hundreds of drones, ballistic and cruise missiles, at the capital of Ukraine.
This barbaric attack during such an… pic.twitter.com/YhVGhtjyhG
— Andrii Sybiha 🇺🇦 (@andrii_sybiha) May 14, 2026
„Во исто време кога лидерите на најмоќните земји се среќаваат во Пекинг, а светот се надева на мир, предвидливост и соработка, Путин лансираше стотици дронови, балистички и крстосувачки ракети врз главниот град на Украина“, порача Сибига.
Тој нагласи дека не смее да има илузии: само притисок врз Москва може да го запре рускиот агресор.
Европската Унија, во својата официјална позиција, повторува дека руската агресија не е напад само врз Украина, туку и врз слободата, самоопределувањето и демократијата, и дека Унијата ќе продолжи со политичка, финансиска, воена и хуманитарна поддршка за Украина, како и со санкции против Русија и актерите што ја помагаат агресијата.
Во последните европски пораки за Украина, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен нагласи дека ЕУ е „на долг рок“ со украинскиот народ и дека целта е Украина да биде опремена со средства за одбрана и за водење мировни преговори од позиција на сила.
Новата ноќ на руски напади потврдува дека изјавите за можен крај на војната не се придружени со никакви реални чекори на Москва кон мир.
Напротив, Русија ја засилува тактиката на комбинирани удари – масовни бранови од дронови за преоптоварување на одбраната, проследени со балистички и крстосувачки ракети врз градови, инфраструктура и станбени квартови.
За Украина, ова е уште еден доказ дека итната потреба од дополнителна противвоздушна одбрана останува прашање на живот или смрт за цивилното население.
Џ. Дерала












































