Русија во текот на ноќта меѓу 23 и 24 мај изврши еден од најголемите комбинирани воздушни напади врз Украина, при што Кијив беше главна цел на нападот. Според украинските извори, руските сили употребиле балистички и крстосувачки ракети, како и стотици дронови, во повеќечасовен напад што предизвика жртви, повредени и големи штети во сите делови на украинската престолнина.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала 90 ракети и 600 дронови од различни типови. Украинската противвоздушна одбрана соборила или неутрализирала 604 воздушни цели, меѓу кои 55 ракети и 549 дронови. Во нападот бил употребен и рускиот балистички систем „Орешник“, при што, според украински извори, бил погоден реонот на Била Церква во Кијивската област.
Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, соопштил дека штети има во секој реон на градот. До раните попладневни часови, според достапните информации, во Кијив загинале најмалку две лица, а 77 биле повредени, додека повеќе од 80 лица биле повредени низ цела Украина. Бројките може да се зголемат, бидејќи спасувачките екипи продолжуваат со расчистување на урнатините.
Погодени се станбени згради, училишта, пазар, водоводен објект, деловни простории, возила и други цивилни објекти. Во неколку делови на градот избувнале пожари, а во Шевченкивскиот реон имало удар во близина на училиште, каде што луѓе се криеле во засолниште. Според извештаите, оштетени се и културни институции, меѓу кои Националниот уметнички музеј, Украинската куќа, Операта во Кијив и Музејот на Чорнобил.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X денеска напиша:
„Од полноќ до утрото кремљ извршуваше напади со балистички и крстосувачки ракети, како и со дронови врз Кијив. Загинати. Повредени. Уништени станбени згради, училишта и пошта. Апелираме до партнерите за обезбедување дополнителни средства за противвоздушна одбрана. #StopRussia“
Од полноќ до утрото кремљ извршуваше напади со балистички и крстосувачки ракети, како и со дронови врз Кијив. Загинати. Повредени. Уништени станбени згради, училишта и пошта.
Апелираме до партнерите за обезбедување дополнителни средства за противвоздушна одбрана. #StopRussia pic.twitter.com/DQDMsE8bHe— Larysa Dir (@dir_larysa) May 24, 2026
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига оцени дека Путин сакал да покаже „сила“, но всушност ја потврдил својата слабост. Во неговата објава на X, Сибига наведе дека Русија извршила еден од најголемите терористички напади врз Кијив со околу 600 дронови, десетици балистички, аеробалистички и крстосувачки ракети, како и лажна интерконтинентална ракета. Тој истакна дека биле нападнати и регионите Черкаси, Харкив, Кропивницки, Одеса, Полтава, Суми и Житомир.
„Неспособен да постигне резултати на бојното поле, Путин се свртува кон терор против цивили“, порача Сибига, додавајќи дека светот има доволно средства за притисок врз Москва, но тие мора да се употребат решително. Тој побара дополнителни одбранбени капацитети за заштита на украинското небо, инвестиции во украинската одбранбена индустрија, зголемен притисок врз Русија, целосна употреба на замрзнатите руски средства, како и силни политички одлуки за евроинтеграцијата на Украина.
Putin wanted to show “strength” but only confirmed his weakness.
Overnight, Russia carried out one of the largest terrorist attacks on Kyiv with around 600 drones, many dozens of ballistic, air-ballistic, and cruise missiles, and a dummy IRBM.
Cherkasy, Kharkiv, Kropyvnytskyi,… pic.twitter.com/jSV83n9FBP
— Andrii Sybiha 🇺🇦 (@andrii_sybiha) May 24, 2026
Нападот следуваше само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува поширок комбиниран удар врз украинска територија, вклучително и можност за употреба на „Орешник“. Американската амбасада во Кијив исто така издаде предупредување за можен значаен воздушен напад.)
Москва, како и во претходни случаи, тврди дека целите биле воени. Но, последиците на теренот повторно покажуваат удар врз цивилниот живот: станбени згради, училишта, пошта, културни институции и урбана инфраструктура. Украинските власти и дипломатски претставници повторно апелираат до партнерите да ја забрзаат испораката на системи за противвоздушна одбрана, бидејќи секоја одложена одлука значи поголема ранливост на градовите и цивилите.
Овој напад уште еднаш ја потврдува суштината на руската војна против Украина: кога Кремљ не може да постигне воена победа, користи убиствено оружје против невооружени цивили.
Џ. Дерала












































