Скопје, 1 јуни 2026 (10:00 CET) – Првиот ден од јуни започнува со засилени дипломатски активности во регионот, нови сигнали од Брисел за европската перспектива на Западен Балкан и економски теми кои директно ги засегаат граѓаните. Во Северна Македонија продолжуваат политичките дебати околу евроинтеграциите и реформите, додека во регионот вниманието е насочено кон претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан. На глобалната сцена, Украина и Блискиот Исток остануваат во центарот на меѓународните случувања.
ЕУ интеграциите повторно во фокус
Политичката дебата околу европскиот пат на државата продолжува. Владата на премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема потреба од референдум за членство во ЕУ, нагласувајќи дека пристапот до средствата од европскиот План за раст е доказ за европската ориентација на државата.
Нови инвестиции во дигитална инфраструктура
Министерството за транспорт подготвува законски измени што треба да овозможат изградба на современи дата-центри во земјата. Владата очекува нови инвестиции, отворање работни места и дополнителен економски раст преку развој на дигиталната економија.
На полноќ нова цена на горивата
Денеска ја очекуваат новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ги утврди малопродажните цени на горивата за наредниот период. Владата соопшти дека мерката за намалена акциза на горивата ќе остане во сила до 15 јуни. Дополнително, најавен е и попуст од два денари по литар како резултат на договорот со рафинеријата ОКТА. Според владините проценки, дизел горивото би можело да поевтини за околу 6,5 денари по литар, додека бензините би можеле да добијат намалување од приближно 1,5 денари.
РЕГИОН: Почнува дипломатската турнеја на Антонио Кошта
Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, денес започнува посета на земјите од Западен Балкан. Турнејата е подготовка за Самитот ЕУ–Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, Црна Гора. Главни теми ќе бидат проширувањето на ЕУ, реформите и безбедносната соработка. За утре се очекува Кошта да биде во Скопје.
СВЕТ: Украина останува централна тема во Европа
Европската Унија продолжува со финансиската и безбедносната поддршка за Украина. Нов договор меѓу Брисел и Кијив отвора пат за исплата на дополнителни 3,2 милијарди евра во текот на јуни, како дел од поширокиот пакет за поддршка вреден 90 милијарди евра.
Б. Јордановска












