Кијив, 2 јуни 2026 – Русија во текот на ноќта изврши еден од најмасовните комбинирани воздушни напади врз Украина во последните месеци, користејќи стотици дронови и десетици ракети, вклучително и балистички проектили. Главна цел повторно беше Кијив, но напади беа регистрирани и во Днипро, Харкив, Запорижја и други украински региони. Според украинските власти, има загинати и повеќе од сто повредени лица, меѓу кои и деца, а погодени се станбени згради, болници, училишта и друга цивилна инфраструктура.
Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала вкупно 656 дронови и 73 ракети, што претставува една од најголемите воздушни офанзиви од почетокот на годината. Украинската противвоздушна одбрана пресретнала голем дел од целите, но удари се регистрирани на најмалку 38 локации низ земјата.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, утрово на објави:
„Ден 1560. По полноќ, русите започнаа масовен напад со балистички ракети врз Кијив. Беа нападнати Днипро, Харкив и Запорижја. Има загинати и повредени. Уништени се станбени згради и болници. Потребни се дополнителни средства за противвоздушна одбрана. #RussiaIsATerroristState“
Во претходна објава на 25 мај, по масовните руски напади, амбасадорката Лариса Дир нагласи дека нападите не се ништо друго освен обид да ги компензира неуспесите на фронтот со терор врз мирните градови.
„Дејствата на рф не се ништо друго освен обид да ги компензира неуспесите на фронтот со терор врз мирните градови. По вчерашниот напад Украина иницираше итни меѓународни механизми за реакција. Само решителен одговор на меѓународната заедница може да го запре кремљ од секојдневни убиства.“
Ден 1560. По полноќ, русите започнаа масовен напад со балистички ракети врз Кијив. Беа нападнати Днипро, Харкив и Запорижја. Има загинати и повредени. Уништени се станбени згради и болници. Потребни се дополнителни средства за противвоздушна одбрана. #RussiaIsATerroristState pic.twitter.com/DXLvxJPk1r
— Larysa Dir (@dir_larysa) June 2, 2026
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, оцени дека нападите врз цивилните цели се дел од поширока стратегија на заплашување.
„Путин се обидува да ја заплаши Украина со напади врз цивили и уништување станбени згради, музеи, училишта и критична инфраструктура. Тој, исто така, се обидува да го заплаши светот со лансирање балистички ракети со среден дострел врз мирни градови“, изјави министерот Сибига.
Тој повика на посилна меѓународна реакција.
„Сето ова бара силна и координирана акција од меѓународната заедница. Ги повикуваме нашите партнери на решителни мултилатерални дејствија насочени кон одвраќање на Русија и принудување кон сеопфатен, праведен и траен мир“, изјави украинскиот шеф на дипломатијата.
Според украинските власти, најтешки последици се регистрирани во Кијив, каде што се оштетени повеќе станбени објекти во неколку градски области. Во Днипро загинале повеќе лица, меѓу нив и припадник на спасувачките служби кој настрадал при втор удар врз веќе погодена локација. Во Харкив и Запорижја се пријавени повредени лица и значителни оштетувања на цивилни објекти.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека нападот бил очекуван според разузнавачките проценки и повторно побара дополнителни системи за противвоздушна одбрана од западните партнери. Украинските власти предупредуваат дека Русија во мај лансирала рекорден број беспилотни летала и дека воздушната кампања дополнително се интензивира.
Украинското водство оценува дека најновиот бран напади е уште еден доказ дека Кремљ се обидува да ги надомести ограничените резултати на фронтот преку напади врз цивилното население и критичната инфраструктура. И покрај континуираните воздушни напади, руските сили во последните недели бележат ограничени територијални придобивки, додека Украина продолжува со удари врз воени и логистички цели длабоко во руската позадина.
Во меѓувреме, меѓународните повици за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана стануваат сè погласни, бидејќи сегашниот интензитет на руските напади претставува сериозен предизвик дури и за најразвиените системи за воздушна одбрана.
Џ. Дерала / Д. Мишев
Creative Commons 4.0 | Слободно преземање со атрибуција | CIVIL MEDIA












