Додека Русија продолжува со ракетни и дронски напади врз украинските градови, цивилното население, енергетската и критичната инфраструктура, Украина ја засилува меѓународната мобилизација за обнова, енергетска отпорност, инвестиции и економска стабилизација.
На 25 и 26 јуни во Гдањск, Полска, се одржува Конференцијата за обнова на Украина (Ukraine Recovery Conference, URC 2026), која заеднички ја организираат Полска и Украина. Овој меѓународен настан има цел да ја зајакне меѓународната поддршка за обновата на Украина, да мобилизира инвестиции и да обезбеди конкретни договори за реконструкција, енергетика, инфраструктура, бизнис и институционална отпорност.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, сподели порака од претседателката на Владата на Украина, Јулија Свириденко, во која се нагласува дека на конференцијата се очекуваат околу 160 договори во вкупна вредност од над 10 милијарди евра.
„Се очекува на Конференцијата за обнова на Украина (Ukraine Recovery Conference – URC 2026) да бидат потпишани околу 160 договори во вкупна вредност од над 10 милијарди евра“, се наведува во објавата.
Во пораката се посочува дека на URC 2026 во Гдањск се очекуваат околу 160 договори и повеќе од 30 нови партнерства, со вкупна вредност од над 10 милијарди евра. На конференцијата се најавени и повеќе од 80 украински компании на најголемиот деловен саем во историјата на URC, заедно со околу 2.000 претставници на бизнис-заедницата од целиот свет.
За време на руската агресија врз 🇺🇦, нашата држава заедно со партнерите веќе активно работи на обновата. Токму на тоа е посветена Конференцијата за обнова на Украина 2026 во Гдањск, каде што се очекува склучување на значајни договори и воспоставување нови механизми за поддршка. pic.twitter.com/BpS4MpOrSy
— Larysa Dir (@dir_larysa) June 25, 2026
Посебно значајна е најавата за започнување со работа на новата Енергетска платформа – постојан механизам за мобилизирање на меѓународната поддршка за енергетскиот сектор на Украина. Ова доаѓа во услови кога руските напади врз украинската енергетска инфраструктура остануваат еден од главните инструменти на Москва за притисок врз цивилното население и економијата на земјата.
Конференцијата во Гдањск се одржува во момент кога Украина истовремено се брани, се обновува и продолжува да се движи кон Европската Унија. Обновата на Украина не е само економски процес. Таа е дел од пошироката борба за опстанок на државата, заштита на цивилите, зачувување на институциите и обезбедување на европската иднина на земјата.
Паралелно со дипломатските и економските напори за обнова, руската војна продолжува со несмалена жестина. Во последните денови беа регистрирани нови руски напади врз украински населени места и инфраструктура. На 23 јуни, руски ракетен напад врз цивилна инфраструктура во Кривиј Риг однесе три човечки животи, а повеќе од 20 лица беа повредени. Украинските власти соопштија дека нападот погодил цивилна зона.
Русија продолжува да користи ракети, ударни беспилотни летала, наведувани авиобомби и артилерија против украинските региони, вклучително и Днипропетровската, Харкивската, Сумската, Запоришката, Херсонската и Одеската област. Целите повторно вклучуваат станбени зони, енергетски објекти, индустриска инфраструктура, транспортни врски и цивилна логистика.
На поширок план, Украина ја продолжува и кампањата за притисок врз руската воена инфраструктура, логистика и енергетски капацитети што ја поддржуваат агресијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе спроведува превентивни акции против објекти што Русија ги користи за војната. Истовремено, извештаите од окупираниот Крим укажуваат на сериозни проблеми со снабдувањето со електрична енергија и гориво во Севастопол, по украински удари врз инфраструктура поврзана со руските окупациски сили.
Овие случувања ја покажуваат двојната реалност на Украина во 2026 година: земјата е изложена на постојан руски терор врз цивилите и инфраструктурата, но истовремено ја гради својата отпорност, ја мобилизира меѓународната поддршка и подготвува обновување на економијата, енергетиката и институциите.
URC 2026 во Гдањск затоа има значење што оди подалеку од инвестиции и реконструкција. Тоа е политичка порака дека Украина не е оставена сама, дека нејзината обнова е европски и меѓународен приоритет и дека руската агресија не може да ја запре државата во нејзината борба за слобода, стабилност и европска иднина.
Д. Мишев / Џ. Дерала













