Диана Тахири
Базенот во Тетово ќе го користат жени и деца два пати неделно по три/четири часа. На барање на граѓанки од Тетово, локалната власт одобрила.
Најзагрозени, според реакциите на интернет (а интернет користат безброј полуписмени, неписмени, неинформирани – или будали, да го парафразирам Умберто Еко у слободен лет, како и други навидум поинформирани демек интелектуалци) се Македонците, од цела Македонија, бидејќи ова било по шеријат, дека знаат што е шеријат, дека е сегрегација, дека по втората светска војна се градело освен братсфо-единсфо и инклузивност и после пополека и едно опшесфо за сите. Кое сепак не е за сите. Мажите ќе бидат дискриминирани во случајов, нема да можат да го користат базенот два пати по четири часа во неделата. Неделата има седум дена. Мажите нека се прилагодат.
Нема да се повикувам на вакви модели низ светот, туку на менталниот капацитет на загрижените.
Ако чајџилниците, по непишано правило ги посетуваат во најголем процент мажи, не видов дека некој се буни. Од Македонците.
Да се побунат жени, ќе рипнат и наши и ваши – на жените не им е местото во чајџилница.
Ако сакаат одредени жени да користат базен без присуство на мажи, од која било причина (религиозна, културна, здравствена, сакаат голи во базен, сакаат сами, сакаат така…), зошто па да не!
Не се работи за сегрегација, туку за одобрување молба на одредена заедница, во овој случај со полов предзнак, и толкувањето на родовиот концепт од страна на барателките – веројатно, а сосема очигледно од интернет заедницата.
Можеби не ми се допаѓа, можеби сум индиферентна кон тоа дали некој сака одделно да користи базен, можеби кога би користела базен би ми било важно да имам доволно простор во водата за да испливам од еден до друг крај и да биде чиста водата и околу неа, со чисти жени и мажи и деца, или да го користам сосема сама (претпочитам, а ич не сакам базени), но тие имаат право да побараат и побарале, веројатно бидејќи сметаат дека имаат право како рамноправни граѓанки во државата.
Слободно може да побараат. Добро што им одобриле. Не има разни во оваа држава, па нека има понешто за секој.
А за лицемерието, некој друг ден.
Текстот е личен став на авторката | ЦИВИЛ МЕДИА













